ЈКП „Пазари“ во Прилеп планира реализација на проектот за производство на електрична енергија, која ќе се добива од фотоволтажни панели.
Струјата ќе биде наменета за потребите на пазарот, но и за локалната самоуправа – градот, старата чаршија и поширокото градско подрачје.
Се планира да бидат поставени 1.300 фотоволтажни панели, со кои ќе се произведуваат околу 271,8 kw електрична енергија на ден.
Фотоволтажните панели ќе бидат поставени на површина од 3.500 метри квадратни со кои ќе се обезбеди електрична енергија за околу 3.000 светилки.
За целиот проект наскоро ќе биде изработена физибилити студија која треба да покаже на каков начин ќе се користи електричната енергија.
Дали таа би се акумулирала во одредени инвертори или, пак, таа би се внесувала директно во системот на ЕВН од каде понатаму ќе се дистрибуира до крајните корисници.
По изготвувањето на физибилити студијата следува и изработка на проектот. Средствата за овој проект се планира да бидат обезбедени преку ЕУ фондовите.
Инаку досега за подобрување на условите и модернизирање на пазарот од 2004 до 2016 година се инвестирани 25 милиони денари.
Со овие инвестици, Прилеп доби современ и целосно покриен пазар, а се изгради и нов млечен пазар, деловни објекти, се подновија дел од тезгите, а се поставија и хидранти.
Исто така, информираат дека се изградени јавни тоалети, а со бекатон плочки е поплочен стариот градски пазар, чија површина е 5.000 м2. Во овој дел се реконструира и целокупната водоводна мрежа.