Со околу 1.000 тони селектрирана пластика и хартија на годишно ниво Прилеп останува лидер во селекцијата на отпадот во Македонија.
Прилеп селектира 40 отсто од вкупниот селектиран отпад во Македонија, вклучувајќи го тука и Скопје. Проектот за примарна селекција е воспоставен во 2012 година. Во Прилеп и 16 населени места се поделени 22.000 канти за селекција на отпадот. Зелената канта е за органски отпад, а жолтата корпа за селекција на хартијата и пластиката. Се размислува и за стартување на проектот за секундарна селекција, каде треба да се исчисти целата депонија од материјалите кои може да се селектираат.
Исто така, Општина Прилеп, во соработка со Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“ и ЈКП Комуналец, започнува со селектирање и собирање на ситен електричен и електронски отпад. За таа цел, во општината ќе бидат поставени 24 специјализирани контејнери на различни локации, каде граѓаните ќе можат да одлагаат ситен електронски отпад: батериии, мобилни телефони, ситни апарати од домаќинствата, мали монитори, статични и лаптоп компјутери, тастатури, глувчиња, кабли, звучници, слушалки, МП3 плеери, монитори, телевизори, дигитални и видео-камери, скенери, факс-машини, стерео системи, до максиумум средна големина на принтери.
Целта е заштита на животната средина од штетните супстанци кои ги предизвикува електронскиот и елктричниот отпад во рамките на спроведување на Законот за управување со електричен и електронски отпад. „Речиси 70 отсто од тешките метали, вклучувајќи ја живата и кадмиумот на депониите потекнуваат од електронската опрема.“ велат од ЈКП Комуналец Прилеп.
Наредната 2024 година, согласно Законот за управување со електричен и електронски отпад, Општина Прилеп и ЈКП Комуналец предвидуваат оваа активност за заштита на животната средина да ја зголемат со дополнителни контејнери за овој тип отпад, со создавање на здрава еко животна средина и правилно третирање и управување со отпад, преку едукација на граѓаните.