Градот под Марковите кули наскоро ќе добие модерен Скејт парк, кој ќе биде со површина од 1.331 м2 и ќе може да се користи за возење на скејтборд, ролери или BMX велосипеди. Исто така, просторот ќе може да се користи и за разни други културни настани и спортски натпревари.
Скејт паркот ќе се состои од повеќе делови како функционални целини. Бетонските површини ќе бидат околу 900 м2 и функционално ќе бидат поделени на дел за почетници кој ќе го сочинуваат рампи, скали, метални препреки и огради, помали надвишувања и аморфен базен со различна длабочина од 80 см до два метри.
Одделен од него ќе биде делот за искусни, што ќе биде базен со аморфна форма и со длабочина од два метри која максимално се зголемува до три метри. Бетонските површини меѓусебно ќе бидат поврзани со тревна површина. Оваа идеја била предложена на денот на идеи од група млади луѓе.
Градоначалникот Марјан Ристески во својата изјава посочи дека активно се работи и на израмнување на просторот на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, каде наскоро ќе биде поставен споменик на Кралот Марко.