Во Прилеп е пуштена во употреба најголемата пречистителна станица за третман на урбани отпадни води. Пречистителната станица е изградена на површина од седум хектари, а е со капацитет од 95 илјади еквивалент жители.
Покрај изградабата на пречистителната станица проектот опфаќа и изградба на пристапен пат во должина од 1.8 км, изградба на пристапен мост до Пречистителната станица, поврзување на пречистителната станица со канализационата мрежа на Прилеп, регулација на речното корито за заштита од поплави, изградба на ограда околу пречистителната станица, хортикултурно уредување на просторот, тестирање на работата на станицата и обука на вработените од ЈКП „ Водовод“ Прилеп за управување со пречистителната станица.
Вкупна инвестиција изнесува 9. 667. 774 евра од кои 85 отсто се обезбедени од ЕУ и 15 отсто е домашна контрибуција.
“Оваа година очекуваме со ваков обем на инвестиција во рамки на ИПА 2 да почне реализирање на пречистителните станици во Тетово, Битола и Штип, кои ќе се придружат на активностите за пречистителни станици и третман на отпадни води во Кочани, Делчево, Скопје, Кичево, Радовиш, Струмица и Вевчани“, најави заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Проектот е реализиран како резултат на активностите за обезбедување на усогласеност со ЕУ Директивата за третман на урбани отпадни води (91/271 ЕЕС).