Во Музејот на Град Скопје, во четврток на 14. март во 19:30 часот Ана Митевска ќе ја претстави својата најнова изложба „Приказни во тиркиз – Извор на животот”. Секое нејзино платно раскажува уникатна приказна и преку живописните тиркизни тонови ги поканува гледачите да се нурнат во безграничниот свет на уметничката креативност. Оваа уметничка авантура ќе биде отворен повик за интроспекција и слободно толкување, како и своевидна подигната завеса кон имагинацијата. Во делата на Ана, тиркизот не е само боја, туку комплетно патување низ хоризонтите на апстрактната креативност, а нешто повеќе за ова патување на изложбата ќе каже и кураторката Гордана Велков.
Воедно изложбата ќе има и хуманитарен аспект, секој посетител ќе има можност да добие оригинални принтови од делата на Ана Митевска, донирајќи парични средства за лекување на 12 годишната Кара Селовска која боледува од ретка болест.