Cтолица Pierre Jeanneret Committee е култно дизајнерско парче и има многу интересна приказна.
Столицата ја дизајнирал швајцарскиот архитект Пјер Жанере на покана на големиот Ле Корбизје, кој требал да изгради град, односно симбол на иднината за тукушто признатата независна држава Индија.
Ле Корбизје за овој проект собрал тим луѓе, меѓу кои и швајцарскиот архитект Пјер Жанере, чија задача била да дизајнира мебел за сите институции кои ќе бидат сместени во овој град. Жанере го одработил својот дел од работата и го дал мебелот да се изработи од локални занаетчии од бурманско тиково дрво и трска.
Неговите размислувања биле едноставни, да направи цврст и робусен мебел што ќе ги издржи климатските услови во Индија, а сепак ќе биде во визионерски и експериментален дух каков што бил и тој самиот.
Мебелот е направен во огромни количини. Тогаш е создадена и култната Pierre Jeanneret Committee столица. Но култна станала многу подоцна.
Ногарките на оваа столица се направени во форма на буквата А и тоа е нејзината, покрај цврстината и робусноста, главна карактеристика што ќе направи разлика меѓу сите дотогаш познати столчиња.
Меѓутоа, како што е случајот со сите дела што се пред своето време, Чандигар кој е завршен до раните 1960-ти, станал жртва на променливи вкусови, а до 1980-тите години на минатиот век, делата на Женере, изразито модерни и со дизајнот пред своето време, вклучително и значаен број од овие столици, биле отфрлени бидејќи не биле трендовски, не биле во мода. Дури во 2000-тите трговците со мебел ја увиделе вредноста на столиците на Женере и откупувале бројни оригинали.
Така оваа столица станала култно дизајнерско парче, па и повеќе од тоа, таа е вистинска скулптура. Во Индија од 2011 година на сила е закон кој пропишува дека ниту едно од оригиналните парчиња, кои се уште се наоѓаат во градот Чандигар, не може да ја напушти земјата без одобрение од Министерството за култура.
Така се случува со делата и луѓето кои творат пред своето време, повеќето од нив се препознаваат постхумно. Денес сите се луди по овие столици, се произведуваат и парчиња кои се неверојатно слични на оригиналот, а достигнуваат високи цени.