БИЕНАЛЕ ЗА ИДНИНАТА – КОЛАЖ ОД КУЛТУРИ
Насловот на Венециското биенале оваа година е „Лабораторија на иднината“. Кураторката Лесли Локо (Lesley Lokko) вели дека „Архитектите имаат уникатна можност да предложат амбициозни и креативни идеи кои би ни помогнале да замислиме еднаквост и пооптимистичка иднина заедно“.[1] Идеите кои се опфатени на ова биенале ги претставуваат постојните и идните предизвици на човештвото, не само во архитектонска смисла, туку и во поширок контекст: социјален, економски, политички, културен итн., додека архитектурата претставува алатка која би требало да помогне во креирање на иднината. Прашањата како климатски промени, социјална правда, еднаквост, екологија… се провлекуваат низ поставките претставени на биеналето.
Фокусот на ова биенале е Африка и културата во Африка, за што кураторката смета дека „Културата е често дефинирана како сплет на приказни кои си ги кажуваме на нас самите, за нас самите. Додека вистината е свесноста за тоа кои сме „ние“. Во архитектурата, историски доминатниот глас бил во еднина и исклучителен, а неговата моќ и достиг игнорирале голем дел од човештвото: финансиски, креативно и концептуално – како слушање и зборување само на еден јазик. Историјата на архитекурата не е целосна. Не е погрешна, но е нецелосна. Токму затоа изложбите се важни“.[2]
ПРОЕКТ ОД МИНАТОТО ЗА ИДНИНАТА – КОЛАЖ ОД СЕЌАВАЊА
Националниот претставник на Република Северна Македонија на 18. Интернационална изложба по архитектура – Венециско биенале е проектот: „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот ‘Свети Јоаким Осоговски’, 1992 – 2017“.
Оваа изложба е посветена на Летната школа на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, одржувана во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во период од 1992 до 2017 година. Изложбата ја согледува школата како психогеографски асамблаж од парчињата, спомените, кажувањата, приказните за настаните, местата и луѓето во и околу Летната школа.
Првата школа започнува со истражување на корените на преродбенската архитектура во делото на протомајсторот Андреја Дамјанов, документирајќи ги објектите и нивната поставка во манастирот. Низ годините, Летната школа прераснува во еден уникатен педагошки експеримент, во неизвесната авантура на учење, правење и преиспитување на границите на архитектурата и уметноста. Така, Летната шлкола на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, од еден локален настан, набрзо станува меѓународен собир на различни луѓе и идеи. Меѓу другите, тука беа низа домашни и странски автори: Александар Никољски, Живко Поповски, Борис Чипан, Владимир Георгиевски, Ранко Радовиќ, Антон Швајхофер, Петар Габриелчич, Гоце Аџи Митревски, Георги Константиновски, Хрвоје Њириќ, Влатко Коробар, Мартин Гулески, Зорица Блажевска, Домника Бошкова, Дејвид Биги, Класке Хавик, Себастијан Велдхаусен, Александар Бродски, Елија Зенгелис, Хан Тумертекин, Семи Ринтала, Петер Вилсон, Мишел Ридејк, Јулиет Бекеринг, Алеш Водопивец…
Поставката се состои од една маса, долга 10 метри на која се сместени различни модели како презентација на различни приказни, сеќавања и интимни, лични реинтерпретации на Летната школа. Исто така, оваа маса е симбол на заедништвото и на колективната креативна енергија, како водечка сила на школата и заедништво кое ни е потребно за иднината. Дополнително во две витрини се прикажани модели на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ локацијата во која се случува школата.
Проектот: „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот ‘Свети Јоаким Осоговски,’ 1992 – 2017“ раскажува и за архитектонските вредности на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, за случувањата на чардакот на манастирот и за искуствата стекнати таму. Преку овој проект се претставува пред светската јавност делото на архитектот Андреја Дамјанов, манастирот изграден во 1851 година и вредностите на македонското архитектонско творештво.
Во овој манастир за време на Летната школа, студенти, професори, граѓани, пријатели учеа како да ги препознаат, воспостават и да ги зачуваат позитивните вредности во природата, во просторот и во себе си. Преку прикажувањето на лични материјали и сеќавања на учесниците на школата, за искуствата и спомените случени низ годините на овој простор, Македонскиот павилјон го претставува колективното сеќавање од минатото преку кое се пренесуваат пораки и лекции за во иднината и се пренесуваат токму на оние на кои им припаѓа иднината – на младите, на учениците.
Македонскиот павилјон е приказна за учењето, соработката и заедништвото, која преку генерации професори и студенти е длабоко впечатена во понатамошното творештво на студентите и на идните архитекти. Летната школа сместена во Осоговските Планини, учи на вредностите и на скромноста на македонската архитектурата, изградена со почит кон природата, во случајов – планината. Пренесувањето на архитектонските лекции, творењето и истовремено престојот во Манастирот претставува богато искуство и лекција за студентите кои во иднина би го граделе светот.
Преку препознавање и негување на архитектонското културно наследство и неговите вредности го чуваме нашиот идентитет и колективното сеќавање, што е основа за просперитетна иднина. Овој проект не претставува само изложба на архитектонски вредности, туку е и изложба на спомени и чувства кои имаат за цел да остават трага во помнењето, во културата и во иднината.
ПРИКАЗНАТА ЗА ТИМОТ – КОЛАЖ ОД УЧЕСНИЦИ
Учеството на 18. Интернационална изложба по архитектура во Венеција – Венециско биенале е поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Носител на проектот е Здружението за истражување на градот – ГРАДОТ УБАВ Скопје, здружение кое ги истражува просторните, архитектонските и урбанистичките вредности на градот, но и влијанието на просторните вредности на животот во градот.
Комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија. Автори на проектот се: Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски, а куратори се: Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Гордан Петров. За успешна подготовка и реализација, свој придонес дадоа соработниците: Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Мила Јакоимовска, Харика Шехаби, Илија Мошев и Домника Бошкова.
Официјалното отворање на Македонскиот павилјон беше на 18 мај 2023 година, а ќе биде отворен до 26 ноември, на адреса: Scuola dei Laneri, Salizada San Pantalon 131/A, Венеција.
Македонскиот павилјон е отворен за посетители.
Автор: Ива ПЕТРУНОВА, дипл.инж.арх.
[1] We architects have a unique opportunity to propose ambitious and creative ideas that help us imagine a more equitable and optimistic future together”.
[2] “Culture is often defined as the complex of stories we tell ourselves, about ourselves. While true, what escapes this statement is the awareness of who represents the “we” in question. In architecture in particular, the dominant voice has historically been a singular and exclusive voice, whose reach and power have ignored large swathes of humanity – financially, creatively and conceptually – as if listening and speaking in a single language. The “history” of architecture is therefore incomplete. Not wrong, but incomplete. That is why exhibitions are important ”.