Придобивките што ги добиваме секојдневно од зеленилото што нè опкружува се многубројни. Некои од нив може да се препознаат визуелно, за некои пак е потребно да се направат поголеми и посеопфатни студии, на подолг временски период. Во секој случај, тие грубо може да се поделат на три типа, и тоа социјални, економски и еколошки придобивки.
Како социјални придобивки од зелените површини може да се земат приватноста и спокојството што го нудат приватните градини. Добро засадената жива ограда нуди мир во граднината и отсекување од реалноста и секојдневието на прометните улици и пешачки патеки. Во оваа категорија влегува и проучувањето на голем број студии кои наложуваат на фактот на помала стапка на криминал во населбите со зеленило. Зелениот простор за игра на децата, исто така претставува голема придобивка, особено ако се знае дека станува збор за простор во кој може да ги контролира нивната игра.
Здравствените придобивки како социјални придобивки од зелените површини се едни од највпечатливите. Постојат голем број студии кои укажуваат на тоа дека хортикултура е многу важна за подобрување на човековото здравје. Смирувачкиот ефект што го имаат растенијата, придонесува за регулиран крвен притисок, намалување на мускулната тензија поврзана со стресот, поголема концентрација и внимание, помало чувство на страв и агресија, подобро секојдневно расположение.
Добро уредените зелени површини придонесуваат и за зголемување на желбата за хортикултурно уредување кај соседите, како и свеста на останатите во населеното место за важноста и придобивките од зеленилото во секојдневниот живот.
Веројатно најинтересните факти и податоци за секое семејство претставуваат економските придобивки од растенијата во дворот. Како прво, зеленилото, особено добро уредените и одржувани дворни површини секогаш ја подигнуваат вредноста на имотот. Па така, доколку на почетокот при градбата на објектот инвестирате одредена сума пари за хортикултурно уредување, за неколку години како што растенијата растат и се оформуваат, со тоа и драстично им се зголемува цената и вредноста, што придонесува и за поголема вредност на имотот.
Според одредени податоци кои се достапни на релевантни сајтови од Канада, за неколку години по почетната инвестиција при изградба на куќата вклучително и хортикултурното уредување, вредноста на објектот се зголемила за одлични 11,3%.
Заштедата на електрична енергија е една од најатрактивните придобивки за граѓаните во денешно време. Според Министерството за земјоделство на САД, млад садник од одреден вид на дрво може да обезбеди крошна со ефект на ладење, еквивалентен на просечна дневна соба во која непречено лади клима уред во период од 20 часа на ден.
И покрај тоа што во случајов станува збор за сенка која ја формира одраснато дрво со старост од повеќе од 15 години, сепак тоа претставува релативно ниска инвестиција за која вреди да се чека, па дури и да се направи свесно за идните генерации. Дрвјата засадени од западна страна на домот ќе ги намалат сметките за енергија за околу 5 % во последните пет години.
Меѓутоа, садењето на дрвјата околу вашиот дом не претставува само начин на заштеда на електрична енергија во летниот период, туку и заштеда на електричната енергија за греење. Доколку дрвјата се насадени на северна и северозападна страна, тие ги блокираат студените зимски ветрови што индиректно влијаат на големото ладење на објектот. Во конкретниот случај, во текот на зимскиот период, зимзелените дрвја може да ја намалат брзината на ветерот, а на тој начин се намалува и загубата на топлината од вашиот дом за 10 до 50 проценти.
Освен што дрвјата можат позитивно да влијаат на вашите сметки за електрична енергија, тие позитивно се одразуваат и на животната средина. Дрвјата апсорбираат стакленички гасови како азот диоксид, сулфур диоксид, озон, јаглерод диоксид и јаглерод моноксид. Тие, исто така, го претвораат јаглеродниот диоксид во кислород по пат на фотосинтеза, што позитивно влијае врз здравјето на луѓето. Едно дрво има способност да прочисти околу 149 килограми јаглерод диоксид во воздухот секоја година.
Со оглед на фактот што еден човек годишно вдишува околу осум тони воздух, од коишто само 23% е кислород, а при секое вдишување се акумулира околу 1/3 од овој кислород, се доаѓа до податокот дека еден човек годишно може да „потроши“ кислород во количина којашто можат да ја произведат во просек околу осум дрвја годишно.
Сенката од дрвјата, покрај тоа што влијае врз намалување на потрошувачката на електрична енергија на отворен простор, влијае и врз процесот на неконтролирано испарување на водата од почвата, кое е особено големо во летниот период. Дрвјата имаат голема улога во заштитата од поплави, а и во спречување на ерозијата на почвата, особено во критични подрачја.
Освен тоа, тие играат голема улога во намалувањето на талогот во реките и зголемувањето на апсорпцијата на вода во земјата. Со своите коренови системи, тие го апсорбираат и го забавуваат движењето на надојдената вода.
Јачината на звукот изразена во децибели е различна во различни делови од урбаната средина. Бучавата што се движи од 60 до 120 dB се смета за штетна по здравјето. Степенот на заштитата од бучава за кој придонесуваат дрвјата, зависи од густината, составот и длабочината на насадот. Сепак, треба да се има предвид дека за разлика од цврстите паравани кои само механички ја одбиваат бучавата, растенијата имаат својство да ја акумулираат и во голема мера да ја намалат. Па така, насад од листопадни видови со шина од осум метри покрај сообраќајница, може да ја апсорбира и намали бучавата до 15 dB.