Насловна / Архитектура / Прицкер 2024: Рикен Јамамото, архитект кој дава сигурност и носи достоинство во секојдневниот живот

Прицкер 2024: Рикен Јамамото, архитект кој дава сигурност и носи достоинство во секојдневниот живот

На 5 март 2024 во Чикаго, САД, Рикен Јамамото од Јокохама, Јапонија, беше прогласен за 53-тиот добитник на престижната Прицкерова награда за 2024 година. Наградата, на овој деветти лауреат од Јапонија, ќе му биде доделена оваа пролет на церемонија која ќе се одржи во Чикаго.

Како архитект и социјален поборник, Јамамото, воспоставува односи помеѓу јавната и приватната сфера, инспирира хармонични општества и покрај разликите во идентитетите, економиите, политиките, инфраструктурите и станбените системи. Тој се залага за одржување на животот во заедниците и за потребата членовите на заедницата да се поддржуваат меѓусебно, истовремено нагласувајќи го значењето на приватноста.  За него заедницата е „чувство на споделување на еден простор“, разградување на традиционалните погледи кон слободата и приватноста во спрега со одбивање на долгорочните состојби коишто го имаат сведено домувањето на стока/производ којшто нема односи со соседите. Наместо ова, тој ги поврзува културите, историите и меѓу-генерациските граѓани со сензитивност, преку адаптација на меѓународните влијанија и модернистичката архитектура кон потребите на иднината, дозволувајќи животот да цути.

Неговата куќа ГАЗЕБО во Јокохама (1986)

ДА ЈА ПОЧИТУВАМЕ СЛОБОДАТА НА СЕКОЈ ПОЕДИНЕЦ

Јамамото вели: „За мене, да се признае просторот, е да се признае целата заедница.  Денешните архитектонски пристапи ја нагласуваат приватноста, негирајќи ја потребата од социјални односи. И покрај ова, ние можеме да ја почитуваме слободата на секој поединец додека живееме заедно во архитектонски простор како република, посвојувајќи хармонија помеѓу културите и фазите на животот“.

За жирито, делумно, тој бил селектиран „заради создавањето на свеста во заедницата и што е одговорност за социјалните барања, за прашањата на дисциплината на архитектурата да го калибрира секој свој индивидуален одговор, и најмногу од сè за потсетувањето дека како во демократијата, просторите треба да бидат создадени од одлуките на луѓето…“

Нагоја Зокеи универзитетот во Нагоја, Јапонија (2022)

Архитектот Јамамото е роден во 1945 година во Пекинг, Кина, за накусо по Втората светска војна да се пресели во Јокохама, Јапонија. Тој од своето детство се соочил со балансирање на јавниот и приватниот домен со оглед дека живеел во традиционална јапонска дрвена градска куќа „мачија“ каде аптеката на неговата мајка се наоѓала на предната страна на куќата, а просторите за живеење одзади. „Прагот на едната страна беше за семејството, а на другата страна за заедницата.  Јас седев помеѓу“.

ЦИРКЛ на аеродромот во Цирих, Швајцарија (2020)

Јамамото знаел многу малку за неговиот татко кој починал кога тој имал само пет години.  Тој се обидел да ја следи професијата на својот татко и да стане инженер, но си изградил своја патека кон архитектурата.  Како еден од клучните моменти во неговиот развој била посетата на Кофуку-ји светилиштето во Нара, Јапонија кога имал 17 години.  Светилиштето оригинално било изградено во 730 година, за потоа реконструкцијата да заврши во 1426 година. Тој бил импресиониран од Пагодата на пет ката која ги симболизирала петте будистички елементи: земјата, водата, оганот, воздухот и просторот.  „Беше многу темно, но можев да ја видам дрвената кула осветлена од месечината и она што го најдов во тој момент беше моето прво искуство со архитектурата.“

Тианџин библиотеката во Тианџин, Кина (2012)

Дипломирал на Одделот за архитектура при Никох универзитетот во 1968 година, а магистрирал на Архитектонскиот факултет при Токискиот универзитет за уметности во 1971 година, за две години подоцна во 1973 година да го основа своето биро Рикен Јамамото и Филд Шоп.  Денес, Јамамото продолжува да работи и живее во Јокохама, во заедница со своите соседи.

Јиан Ваи СОХО во Пекинг, Кина (2004)

ПЕТ ДЕЦЕНИИ ПРОЕКТИ

Неговата кариера опфаќа пет децении од проекти за приватни куќи до јавно домување, од основни училишта до универзитетски згради, од институции до јавни простори и урбанистичко планирање, а се наоѓаат низ Јапонија, Кина, Јужна Кореја и Швајцарија.  Во позначајните негови објекти се вбројуваат и Нагоја Зокеи универзитетот во Нагоја, Јапонија (2022), ЦИРКЛ на аеродромот во Цирих, Швајцарија (2020), Тианџин библиотеката во Тианџин, Кина (2012), Јиан Ваи СОХО во Пекинг, Кина (2004), Екомс куќата во Тосу, Јапонија (2004), Шонономе Канал Корт КОДАН во Токио, Јапонија (2003), Фјучр универзитетот Хакодате во Хакодате, Јапонија (2000), Ивадејама училиштето во Осаки, Јапонија (1996) и Хотакубо домувањето во Кумамото, Јапонија (1991).

Екомс куќата во Тосу, Јапонија (2004)

Јамамото е новоназначен гостин професор на Канагава Универзитетот во Јокохама, и бил гостин професор на Токискиот универзитет за уметности (2022-2024). Тој претходно предавал на Никох универзитетот во Токио (2011-2013), Јокохама националниот универзитет (2007-2011), Когакуин универзитетот во Токио (2002-2007), и бил претседател на Нагоја Зокеи универзитетот за уметност и дизајн во Нагоја (2018-2022).

Шонономе Канал Корт КОДАН во Токио, Јапонија (2003)

Во 2013 година е назначен за академик на Интернационалната академија за архитектура и добитник е на бројни признанија низ својата кариера вклучително Наградата на Јапонскиот институт на архитекти за Јокосука музејот за уметности (2010), Награда за јавни објекти (2004 и 2006), Златна награда за добар дизајн (2004 и 2005), Награда на Архитектонскиот институт на Јапонија (1988-2002), Награда на Јапонската академија за уметности (2001) и Маиничи наградата за уметност (1998).

Фјучр универзитетот Хакодате во Хакодате, Јапонија (2000)

ГИ ПРЕИСПИТАЛ ГРАНИЦИТЕ МЕЃУ ЈАВНОТО И ПРИВАТНОТО

На почетокот на својата кариера Јамамото патувал со автомобил низ светот со својот ментор Хироши Хара, обидувајќи да ги осознае заедниците, културите и цивилизациите.  Така, во 1972 година патувал по брегот на Медитеранот, посетувајќи ја Франција, Шпанија, Мароко, Алжир, Тунис, Италија, Грција и Турција.  Две години подоцна од Лос Анџелс во САД патувал преку Мексико, Гватемала, Коста Рика и Колумбија до Перу.  Слична експедиција му помогнала да се запознае со Ирак, Индија и Непал.  Како резултат на овие патувања тој заклучил дека идејата за „праг“ помеѓу јавните и приватните простори е универзална. „Јас препознавам дека минатиот систем на архитектурата е за ние да можеме да си ја најдеме нашата култура… Селата беа различни по својот изглед, но нивните светови беа многу слични“.

Јокосука музејот за уметности, Јапонија (2006)

Низ своето творештво Јамамото ги преиспитал границите помеѓу јавниот и приватниот домен како социјални можности, посветувајќи се кон верувањето дека сите простори можат да ја збогатат и да ѝ послужат на сета заедница, а не само на оние коишто живеат во нив. Поаѓајќи од ова тој почнал да проектира едносемејни куќи кои ги соединуваат природните и изградените средини, во кои и гостите и минувачите се добредојдени.  Неговиот прв проект, Јамакава вилата во Нагато, Јапонија (1977), е изложена на сите страни и лоцирана помеѓу дрва, испроектирана да се чувствува наполно како тераса на отворено. Ова искуство значајно влијаело на неговото идно творештво кога ја проширил својата дејност во доменот на социјалното домување со Хотакубо хаусинг во Кумамото, Јапонија (1991), во кое тој ги премостил културите и генерациите преку релациското живеење.

Хотакубо хаусинг во Кумамото, Јапонија (1991)

Траспарентноста во формата, материјалот и филозофијата останале есенцијални елементи на неговото творештво. Тој воспоставил пристап кон урбанистичкото планирање што ја демонстрира еволуцијата како витална карактеристика во развојот на Риокуен-тоши, Интер-Џункшион Сити во Јокохама, Јапонија (1994). Без оглед на идентитетот или функцијата на која било зграда, правилата налагале дека сите мора да дозволат да се помине низ нивната парцела, да се поврзат парцелите коишто се наоѓаат една до друга и да се соединат соседните земјопоседници. Продолжил да ги потсетува општествата во големите згради преку адаптација на неговиот архитектонски израз во рамките на проектите како Саитама Префектурал универзитет во Кошигаја, Јапонија (1999) и Тианџин библиотеката во Тианџин, Кина (2012) коишто се доказ за неговата умешност со големи проекти.

Саитама Префектурал универзитет во Кошигаја, Јапонија (1999)

ИНСТИТУТ ПОСВЕТЕН НА АКТИВНОСТИ ВО ЗАЕДНИЦАТА

Неговото творештво станало многу поопсежно кога природна катастрофа ја разрушила Јапонија во 2011 година.  По Тохоку земјотресот и цунамито, тој го основал Локал Ареа Републик Лобо, институт посветен на активности во заедницата преку архитектонски дизајн, и ја воспоставил Локал Републик наградата во 2018 година, преку која им се оддава признание на младите архитекти коишто делуваат со храброст и идеали кон иднината.

Преку преобмислување на границата како простор, тој го активира прагот помеѓу јавните и приватните животи, постигнувајќи социјална вредност со секој проект со оглед дека секоj изобилува со места за вклучување и случајни средби. Малите и големите по големина градежни зафати ги искажуваат маестралните квалитети на самите простори, овозможувајќи фокус на животот што секој од нив го дефинира. Транспарентноста е искористена за оние од внатрешноста да можат да го доживеат просторот кој се наоѓа во далечината, додека оние што поминуваат да почувствуваат припадност кон просторот во кој се наоѓаат. Тој нуди конзистентна континуираност на пејзажот, проектирајќи во комуникација со постојната природна и изградена средина за му даде контекст на доживувањето од секоја зграда.

Тианџин библиотеката, Кина (2012)

ПРЕДИЗВИКУВА ИНТЕРАКЦИЈА СО СОСЕДИТЕ

Во своето творештво Јамамото ги еволуирал влијанијата од традиционалното јапонско  „мачија“ и грчкото „оикос“ домување што постоеле во меѓусебни односи со градовите, каде поврзаноста и трговијата били есенцијални за виталноста на секое семејство. Тој ја испроектирал својата куќа, ГАЗЕБО во Јокохама (1986) за да предизвика интеракции со соседите по терасите и крововите.  Ишии куќата во Кавасиаки, Јапонија (1978) изградена за два уметника, се карактеризира со павилјон кој наликува на соба, која се проширува кон надвор и служи како сцена за изведби, додека просторот за живеење е вграден под нив.

ГАЗЕБО во Јокохама (1986)

„Јамамото развива нов архитектонски јазик кој не само што создава простори за семејствата да живеат, туку создава заедници за семејствата да живеат заедно“ вели Том Притцкер, претседавачот на Хајат Фондацијата која ја спонзорира наградата. „Неговите дела секогаш се поврзани со општеството, култивирајќи ја дарежливоста во духот и почитувајќи го човечкиот момент.“

Поголемите станбени проекти исто така вклучуваат релациони елементи, обезбедувајќи дури и жителите кои живеат сами да не егзистираат во изолација. Пангио хаусинг во Сеонгнам, Јужна Кореја (2010), е комплекс од девет ниски станбени блокови проектирани со непропишани транспаретни волумени во приземјето коишто ги катализираат интерконекциите помеѓу соседите.  Комуналната платформа по должината на вториот кат ги потттикнува интеракциите, нуди простори за собирање, детски игралишта, градини и мостови што ги поврзуваат блоковите.

Пангио хаусинг во Сеонгнам, Јужна Кореја (2010)

„Една од работите која најмногу ни е потребна во градовите е да создадеме услови низ архитектурата преку кои ќе се зголемат можностите луѓето да се соберат на едно место и меѓусебно да комуницираат.  Со внимателно заматување на границите помеѓу јавното и приватното, Јамамото позитивно придонесува повеќе од проектната програма да се зајакне заедницата“, појаснува Алесандро Аравена, претседателот на жирито и лауреат на Прицкеровата награда во 2016 година.  „Тој е архитект кој дава сигурност и носи достоинство во секојдневниот живот.  Нормалноста станува исклучителна.  Смиреноста води кон раскош“.

ГО ОБМИСЛУВА ДОЖИВУВАЊЕТО НА КОРИСНИЦИТЕ

противпожарната станица во Хирошма, Јапонија (2000)

Јавните згради коишто ги исполнуваат специфичните функции исто така ја афирмираат својата општествена цел и гаранции. Хирошима Хиши противпожарната станица во Хирошма, Јапонија (2000), изгледа целосно транспарентна, со својата стаклена фасада и внатрешните ѕидови од стакло.  Посетителите и минувачите можат да набљудуваат низ објектот до централниот атриум за да ги согледаат дневните активности и обуката на пожарникарите, и се поттикнати да се запознаваат со јавните службеници коишто ги заштитуваат во многуте дефинирани јавни простори во објектот.  Фуса градската куќа во Токио (2008) е замислена како две кули со средна висина, наместо како една со голема висина, за подобро да се вклопи во соседството со ниска висина. Конкавни бази ги канат посетителите да запрат и одморат, додека зелените јавни кровови и подолните нивоа се испроектирани да овозможат флексибилни јавни програми.

противпожарната станица во Хирошма, Јапонија (2000)

Саитама Перферктуарлниот универзитетот во Кошигаја, Јапонија (1999) е проектиран како девет згради поврзани со тераси кои преминуваат во пешачки патеки што водат кон транспарентни волумени кои овозможуваат погледи од една во друга училница, но исто така од една зграда до следната, промовирајќи интердисциплинарно учење. Такво здружување е промовирано дури и во рамките на најмалите генерации во Којасу основното училиште во Јокохама, Јапонија (2018), со големи, неподелени тераси преку кои се прошируваат просториите за учење, овозможувајќи поглед во и од секоја училница, и промовирајќи контакти помеѓу студентите од сите генерации.

Саитама Перферктуарлниот универзитетот во Кошигаја, Јапонија (1999)

Појдовно тој го обмислува доживувањето на корисниците при проектирањето на Јокосука музејот за уметности во Јокусука, Јапонија (2006) и како дестинација за посетителите однадвор, но и како простор за дневна оддишка за локалното население.  Додека повикувачкиот меандрирачки влез потсетува на опкружувањето на Токискиот Залив и на блиските планини, голем број од галериите се под земјата, овозможувајќи им јасно и ненарушено визуелно доживување на природна географија на оние кои се приближуваат кон објектот.  Посетителите можат да гледаат низ објектот кон пејзажот и кон другите галерии преку отворите во сите заеднички простори, што овозможува поврзување на одделните средини за оние кои се во нив, не само да се импресионирани од уметничките дела, туку и од активностите во другите паралелни на нив простори.

Јокосука музејот за уметности, Јапонија (2006)

ГИ ОСПОСОБУВА ЛУЃЕТО ДА ГИ ФОРМИРААТ СВОИТЕ ЖИВОТИ

Прицкеровата награда се доделува како признание за квалитет, за талент, визија и посветеност, на оние кои континуирано реализирале значителен придонес за човештвото и изградената средина преку уметноста и архитектурата. Јамамото успеал да создаде архитектура и како заден и преден план за секојдневниот живот, која ги заматува границите помеѓу јавната и приватната сфера, и ги мултиплицира можностите луѓето спонтано да се сретнат преку прецизни, рационални стратегии за проектирање.

Преку силниот, конзистентен квалитет на неговите згради, тој се стреми да даде достоинство, да го подобри и збогати животот на лицата – од деца до возрасни – и нивните социјални врски. И тој го прави тоа преку самообјаснива, но скромна и релеванта архитектура со конструктивна искреност и прецизен размер, со внимателна посветеност на пејзажот и опкружувањето.

Ивадејама училиштето во Осаки, Јапонија (1996)

Неговата архитектура јасно ги искажува неговите верувања преку модуларната конструкција и едноставноста на формата.  И покрај ова таа не ги диктира активностите туку ги оспособува луѓето да ги оформат своите животи во рамките на неговите згради со елеганција, нормалност, поезија и радост.

Јамамото намерно работи со најширок дијапазон на објекти и големина на проекти коишто тој ги избира. Без оглед на тоа дали проектира приватни куќи, јавни инфраструктурни проекти, училишта или противпожарни станици, јавни сали или музеи, заедничкото и социјалната димензија секогаш се присутни. Неговото константно и значајно внимание кон заедниците создало систем на јавни, меѓусебно поврзани простори што ги поттикнуваат луѓето да се соберат на различни начини.

Училиште Којасу, Јокохама (2018)

Како млад архитект роден во Кина и образуван во Јапонија, тој почувствувал потреба да го оформи своето образование со вистинско разбирање на „другиот освен себеси“.  Тој многу патувал, но не со примарна цел да ги посети познатите споменици, туку лично да ги искуси културите и секојдневниот живот на заедниците на други континенти. Јамамото ги истражувал корените и историјата на заедничкиот живот коишто можат да дадат свој придонес кон модернизација на современиот град преку архитектурата. За него зградите имаат јавна функција дури и кога се приватни.

Вила Јамаква

Јамамото не е историчар на архитектурата, но и покрај тоа тој учи од минатото и од различните култури. Како архитект, тој не пресликува/копира од минатото, туку го адаптира, повторно употребува и еволуира, покажувајќи дека основните принципи опстојуваат во нивната релевантност. Јамаото ги проширил своите професионални алатки и кон минатото и кон иднината за да може да даде време, во многу различни модалитети и во различни размери, најсоодветен одговор кон предизвиците и на изградената средина и на заедничкото живеење.

За креирање на сознанието за заедницата и одговорноста кон социјалната потреба, за прашањата на дисциплината на архитектурата да го калибрира секој поединечен архитектонски одговор, и најмногу од сè, за потсетувањето дека во архитектурата, како и во демократијата, просторите треба да бидат создадени од одлуките на луѓето, Рикен Јамамото е именуван за добитник на Прицкеровата награда за 2024 година.

*Текстот е подржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија

Испрати коментар

Scroll To Top