Насловна / Вести / Презентиран првиот високоенергетски ефикасен и пасивен објект „Водњанка“ од „Цивкон“

Презентиран првиот високоенергетски ефикасен и пасивен објект „Водњанка“ од „Цивкон“

vodnjanka (2)Објектот „Водњанка“ е првиот високоенергетски ефикасен и пасивен објект што фирмата „Цивкон“ го најави дека веќе се гради, а ќе биде завршен во март 2016 година. Овој енергетски ефикасен објект од класа „А+“ и „Б“ е единствен од ваков вид во Македонија, и тој за неговите станари ќе обезбеди заштеди поголеми од шест илјади евра годишно, намалена емисија на јаглерод диоксид за 23 тони годишно, висока удобност на живеење, изолација и заштита од влијанието на подземните води врз здравјето на станарите. Објектот „Водњанка“ се наоѓа спроти Клиничкиот центар, под падините на Водно, и располага со 17 станови со различни големини, една гаража за две возила и 11 подземни паркинг места и уште четири на отворено.

vodnjanka (4)

Андреј Андреев, единствениот сертифициран дизајнер за пасивни куќи во Македонија и експерт за енергетска ефикасност, а кој е дел од „Цивкон“, вели дека во „Водњанка“ има највисок до сега постигнат коефициент на топлинска изолација на фасадата на објектот, вградени се елементи за прекин на топлински мостови во бетонските плочи од терасите, прозорците се монтирани со специјален систем за елиминирање на топлински мостови, елиминирани се сите провеви и загуби на енергија, има извонредна звучна изолација, употребени се еколошки материјали, кои се рециклирачки и се увезени специјално за овој објект, има заштита од подземни води, топлата санитарна вода е од сончеви колектори и оневозможен е продорот на гасовите од возилата во гаражата.

„На потпокривот од овој енергетски ефикасен објект има апартман кој е изграден според највисокиот стандард во светот за комфорни услови, наречен ‘пасивна куќа’ во класата ‘А+’, според кој потребите од енергија за греење и ладење нема да надминат 11 киловат часови за метар квадратен годишно. Вкупната потрошувачка за греење и ладење во овој пасивен апартман ќе биде за 25 пати помала“, објасни Андреев на презентацијата.

Но, како што додава тој, помала потрошувачка на енергија ќе има и во сите останати станови. Надворешните ѕидови се за два до три пати подобро изолирани, температурата на ѕидовите од внатре ќе биде за околу четири пати повисока, ќе има 15 пати помали загуби од топлинските мостови. Фасадата на објектот е термичка контактна, со висок коефициент на топлинска изолација, со висока звучна изолација меѓу становите и самата околина. Подните облоги и керамичките плочки се со највисок квалитет, системот за греење за секој стан е индивидуален, со напојување на електрична енергија, образложува Андреев.

Од „Цивкон“ гарантираат дека објектот ќе има константна температура во текот на целата година со максимални разлики од еден степен Целзиусов. „Разликата на температурата меѓу внатрешноста на објектот и внатрешната површина на надворешните ѕидови заедно со стаклата кај прозорците нема да надмине пет степени Целзиусови“, нагласи Андреев.

Освен тоа што „Водњанка“ е енергетски ефикасен и пасивен објект, тој е проектиран и изведен според системот фенг шуи, односно со посебна заштита од влијание на подземните води, со што е елиминиран еден од најчестите фактори за секојдневниот стрес и немир.

Со сите овие предности што ги овозможува овој начин на градење, цената на ваквите станови ќе треба да чини околу десет насто повеќе од вообичаените цени на градење.

Испрати коментар

Scroll To Top