Денес (3 октомври) во објектот „Мала станица“ на Националната галерија на Македонија ќе биде отворена самостојната изложба на графичарот Евгениј Пантев. Отворањето на изложбата ќе биде во 20 часот.
„Евгениј Пантев реализира дела што го ослободуваат неговиот поетски потенцијал создавајќи притоа една геометриска макроскопска визија. Разните форми на хартијата прават алузија на леден таен ритуал. Творештво што не бара препознавање, а во исто време раскажува, но и сугерира. Делата на Пантев се со бистар, јасен говор и прецизен потег. Станува збор за афинитет кон одредени облици во просторот кои прават хармонична усогласеност.
Авторот со строги канони и ставови, верен на традиционалните графички техники, особено сува игла, е во постојано испитување и истражување во обликувањето на просторот и материјалот, при што настануваат дела со разновидност и разномерност. Оттука и овие облик-знак, знак-симбол или симбол-облик, поставени во имагинарни и симболични простори во неговата душа, на неговата духовна иконографија. Чувството е големо штом делата на вредната рака, смелоста и мечтата ги опфатиш со поглед“. (Љупчо Маленков)
Своето богато ликовно творештво несебично го има споделено со широката публика и љубителите на уметноста преку голем број самостојни изложби во земјава, над 100 национални и меѓународни групни графички изложби, биенални и триенални во Македонија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија, Грција, Турција, Шпанија, Португалија, Франција, Англија, Белгија, Холандија, Италија, Полска, Литванија, Англија, Египет, ОАЕ, Канада, Јапонија, Кина ,Русија ,САД и други.