Денеска во организација на проектниот простор Прес ту Егзит во Автономно културниот социјален центар (АКСЦ), се случува целодневен настан на кој се претставува проект на колективот Zines of the zone од Франција, а кој претставува патувачка библиотека составена од фотозини, фотокниги и останати печатени материјали поврзани со фотографија, уметност и активизам. Ќе биде изложена содржината на библиотеката, а настанот ќе биде отворен за јавноста, каде што публиката е поканета да донира свои материјали. Во 20.00 часот е главната промоција.
Со оглед на тоа што феноменот на издаваштво на фотокниги се зголемува и прераснува во тренд, фотографите и графичките дизајнери експериментираат со нивните можности во оваа област, а се повеќе галерии и колекционери стануваат засегнати за нив. Од причина, пак, што најчесто се печатат во ограничен тираж и се распродаваат за кратко време, стануваат тешко достапни за заинтересираните.
Zines of the zone е колектив од Франција, кој е поттикнат од идејата за создавање на библиотека, односно јавна збирка достапна за секого, без разлика дали нејзината печатена содржина е распродадена или не. Оваа збирка е репрезент на меморија, место кое ќе биде постојано и каде книгите ќе продолжат да живеат, инспираат и реинтерпретираат. Самоиздаваштвото како посебен вид на практика, заслужува да биде споделена.
Токму поради тоа, почнувајќи од јануари, па се до јули 2014 година, овој колектив, чии членови се Жули Хаское (Julie Hascoët), Гилом Тирие (Guillaume Thiriet) и Басиј Пеирад (Basile Peyrade), патувајќи низ Европа, се среќава со луѓе кои се инволвирани во полето на самоиздаваштво. Нивната цел е да се здобијат со сознанија за поширокиот контекст на самоиздаваштвото во Европа, за тоа кои се неговите иницијатори и од каде потребата за DIY печатени изданија.