Денес, во 13 часот, во Skopje Urban Living Lab ќе се одржи првата презентација од сесијата „Добри градски практики“ на гостите од градот Атина, кои ќе ги изложат резултатите и успехот на иновативната социјална платформа – СинАтина (synAthina).
Настанот е во организација на „Лабараторијата за урбано живеење – Скопје“ (SkULL), Град Скопје и Архитектонскиот факултет од Скопје при УКИМ, и е дел од ROCK проектот кој е финансиран од Европската Унија во рамките на програмата Хоризонт 2020.
Дигиталната платформа СинАтина овозможува најразличните активности да бидат идентификувани, споделени и промовирани. Таа е заеднички простор кој ги обединува граѓанските групи и иницијативите за подобрување на квалитетот на животот во градот и преку кој граѓаните и групите поднесуваат идеи со социјално влијание. Платформата прави мапирање на групите и активностите во градот, а веб-страницата на synAthina нуди онлајн алатка која ги поврзува активностите на граѓаните со сите други заинтересирани страни, како спонзори, волонтери, бизнис заедници и центри на знаење кои можат да понудат поддршка. Со тоа што платформата врши евалуација на активностите на граѓаните и ги препознава најдобрите практики, СинАтина континуирано ја информира градската администрација за приоритетите на граѓаните, а преку поддршката на активностите на граѓаните, Градот Атина создава нова перцепција за односот меѓу граѓанското општество и локалната власт.
СинАтина, стана еден од петте европски добитници на наградата на Блумберг за избор на градоначалнички предизвик (Bloomberg Mayors Challenge Award) и доби голема финансиска поддршка. Во моментов раководена од канцеларијата на заменик-градоначалникот за граѓанско општество и иновации, synAthina веќе бележи 2.263 активности од 277 групи регистрирани како активни членови. Овие активности се движат од оперативни народни кујни до организирање на алтернативни туристички тури; создавање џебни паркови; лансирање кампањи за анти-графити; но и активности за заштита на уличната уметност и пронаоѓање решенија за ревитализација и ре-употреба на девастирани, напуштени градски простори и објекти, каков што беше пазарот Кипсели, кој како модел за ревитализација беше користен за дефинирање на алтернативни намени на други напуштени јавни згради.