Во голем број на европски држави во последните неколку децении при изградба на нови објекти или при реконструкција на постоечките се обрнува големо внимание на превентивна заштита од пожари како уште во фаза на проектирање, така и при добивање употребна дозвола.
Под превентивна заштита од пожар се подразбираат сет на мерки кои се имплементираат уште во фаза на проектирање, сè со цел да се сведат на минимум ризиците од појава на пожар, односно при евентуална негова појава истиот да се локализира и стави максимално под контрола, со што би се создале услови за безбедно извлекување на луѓето кои се затекнати на самото место и материјалните штети би се свеле на минимум.
Во СР Германија барањата за превентивна заштита од пожари се на многу високо ниво и на унапредување на истите се работи секојдневно, како во научноистражувачкиот дел, така и во делот на изведбени решенија кои се темелат на анализи од пракса, а основен двигател на истите се големиот број на производители на градежни материјали и комплет системи за превенција и противпожарна заштита.
Превентивната заштита од пожар ја сочинуваат три столба:
- Градежна/конструктивна
- Техничка
- Оперативна и организациска
При спроведувањето на овие три столба како во фаза на проектирање, така и во фаза на изведба и експлоатација, мора да се почитуваат голем број на закони, прописи, упатства и стандарди.
1. Градежна/конструктивна противпожарна заштита
1.1.Концепт за заштита од пожар
Кога идејното архитектонско решение, како за новоградба, така и за реконструкција на постоечки објект е конечно, тогаш се прави проект – концепт за заштита од пожар. Овој концепт се состои од текстуален – описен и графички дел.
Во описниот дел се наведуваат намената и основните градежни карактеристики на објектот, како и детален опис за негова превенција од пожар и при пожар.
Во графичкиот дел се утврдува патеката, односно коридорот за бегство во случај на пожар како и специфичните простории кои мора со противпожарна заштита да се обезбедат. Во зависност од висината на зградата и од нејзината функција, вториот пат за бегство – евакуација може да се обезбеди или со помош на опрема за спасување од противпожарната бригада или со дополнителни скали. Во графичкиот дел се наведуваат сите конструктивни и неконструктивни градежни елементи кои треба да бидат со отпорност на пожар од 30 до 180 минути како и делови кои треба да бидат непропусни на чад.
1.2.Системски решенија и градежни материјали отпорни на пожар
При изработка на изведбениот проект се обрнува големо внимание на системските решенија отпорни на пожар, а согласно концептот за заштита од пожар.
Бетонот како основен конструктивен градежен материјал има највисока класа на отпорност од пожар А1 и тој сам по себе не е горлив материјал. Кај армиранобетонските конструкции, во зависност од заштитната класа што треба да се постигне, односно од времетраењето на отпорност на пожар, се обрнува големо внимание на геометријата. На пример армиранобетонски носечки ѕид отпорен на пожар до 90 минути, според ДИН ЕН 1992-1-2, 5.4.3 мора да има минимална дебелина од 140 мм и минимален заштитен слој од 25 мм. Во подрачјата на СР Германија каде нема сеизмички влијанија често пати се користат префабрикувани или полупрефабрикувани носечки армиранобетонски елементи. Во овој случај споевите – фугите мора да се изработат со трајно системско техничко решение отпорно на пожар.
Сите останати конструктивни елементи, носечки и неносечки што се изработени од друг тип на материјали како што се сипорекс-поренбетон (Porenbeton), блокови на база вар (Kalksandstein), бетонски блокови, сувомонтажни системи Кнауф, Ригипс и др. мора секој нивни производител да има сертификат за соодветното системско решение, односно одобрување (Allgemeine Bauartgenehmigung) од Германскиот институт за градежна техника (DIBt). Овој документ понатаму е составен дел при техничкиот прием на објектот и при добивање употребна дозвола.
При изработка на изведбениот проект многу е важно да се обрне големо внимание како на електричната, така и на санитарната, топловодната инсталација, на климатизацијата и на друга техничка инсталација, кои во секој случај дел од нив поминуваат низ одредени ѕидови или плафони кои имаат противпожарна заштита. На овие делови се изработува т.н. противпожарна бариера (Brandschott), кои исто така треба да се сертифицирани од Германскиот институт за градежна техника (DIBt).
Brandschott во инсталациона вертикална шахта
Сите технички спецификации, како на пример дозволените димензии на бариерата (Brandschott), типот, материјалот и системот на ѕид или меѓукатната конструкција на кои се изработуваат, времетраењето на отпорност на пожар (90, 120 или 180 мин.), типови на инсталации и нивно геометриско поставување и слично, детално се опишани во сертификатот (Allgemeine Bauartgenehmigung). Со ова мора да се осигура дека поставувањето на противпожарната бариера (Brandschott) не ја нарушува стабилноста на ѕидниот – меѓукатниот систем, дури и во случај на пожар. Исто така противпожарната бариера (Brandschott) не смее да ја наруши функцијата на инсталациските системи кои поминуваат на тоа место, како и соодветните прописи и норми за истите. Овие бариери (Brandschott) се заштитуваат од механичко оштетување, особено во деловите на меѓукатната конструкција, односно подните конструкции кои се директно изложени на фреквенција од луѓе, со ограда, метална решетка и сл. Сите производители, согласно материјалите и системот имаат содветни технички решенија, меѓутоа општо за сите е дека вкупната површина од инсталации кои поминуваат низ противпожарната бариера (Brandschott) не треба да достигнува повеќе од 60 отсто од нејзината вкупна површина. Битно е да се напомене дека во документацијата неопходна за технички прием и употребна дозвола на објектот, неопходно е да се достави и Декларација за усогласеност (Übereinstimmungserklärung) од секој тип на вграден систем на противпожарна бариера (Brandschott), каде што се наведува за кој систем и производител станува збор, датум на вградување, број на сертификат – добиен од Германскиот институт за градежна техника (DIBt), инвеститор, изведувач, објект. За ова да може полесно да се контролира, секоја противпожарна бариера (Brandschott) е означена и нумерирана на местото на вградување каде се наведени неопходните податоци, а кај некои објекти дополнително се додаваат и баркодови, каде со нивно скенирање се гледаат сите податоци и евентуално нивната историја (во случај на репарирање, додавање – менување инсталација и сл.).
Brandschott ознака
Brandschott ознака со QR-код)
Често пати во пракса има едноставни продори на електричен кабел или цевки од каква било инсталација во противпожарен ѕид или меѓукатна конструкција. По голем број на испитувања и анализи е утврдено, дека не е неопходно изведување комплетен систем на противпожарна бариера (Brandschott), туку со поедноставни мерки на технички решенија MLAR (Muster-Leitungsanlagen-Richtlinie), кои впрочем претставуваат актуелни градежни регулативи – упатства за превентивна заштита од пожар, може да се обезбеди истата цел. Самото техничко решение зависи од типот на инсталација, горлив или негорлив материјал, производител, тип на материјали што се користат за противпожарна заштита, времетрање на отпорност на пожар, намена на просторија и сл.
Доколку има на пример една единична негорлива цевка со дијаметар помал или еднаков на 160 мм, или една единична горлива цевка со дијаметар помал или еднаков на 32 мм, или еден единичен електричен кабел, продорот во ѕидот отпорен на пожар над 90 минути може да се обработи на два начина: со трајноеластичен противпожарен кит – доколку отворот што се заполнува не е поголем од 15 мм, или пак цевката се обложува со минерална волна со отпорност на горење поголема од 1.000 °C и остатокот помал од 15 мм се заполнува со трајноеластичен противпожарен кит.
Единичен кабел низ а.б. ѕид F 90 чиј продор мора според MLAR да се дообработи со трајно еластичен противпожарен кит
Поради комплексноста и специфичноста во делот на примена на електричните инсталациите, во склоп на MLAR се воведени подрегулативи, упатства кои за серверски и за други електрособи се опишани детално во EltBauVO (Verordnung über den Bau von Betriebsräumen für elektrische Anlagen), а за системите на подигнати подови во MSysBöR (Muster-Richtlinie über brandschutztechnische Anforderungen an Systemböden).
За техничко решавање едноставни продори на вентилационите системи во ѕид или плоча се користи посебна регулатива – упатство M-LüAR (Muster-Lüftungsanlagen-Richtlinie).
2. Техничка противпожарна заштита
Превентивната заштита од пожар значи и користење технички системи за навремено откривање пожар и минимизирање на штетите во рана фаза на истиот. Како дел од оваа група на системи може да се издвојат: детектори за чад, детектори за пожар, систем на прскалки, ѕидни хидранти, противпожарни апарати, завеси за заштита од чад, вентилациски системи за изнесување на чадот од објектот и сл.
Спуштен плафон со вградени елементи на техничка противпожарна заштита
Во оваа група може да се додат и системите за автоматско отворање или затворање врати, како и специјалните системи за одделување и преградување одредени простори во случај на пожар.
На сите елементи кои се дел на техничките системи на противпожарна заштита на еден објект, мора редовно да им се проверува нивната исправност од овластени фирми од страна на државните соодветни органи и истото мора да биде забележано по протокол.
Ознака на систем за автоматско отворање – затворање врати
3. Оперативна и организациска противпожарна заштита
Овој столб на превентивна заштита од пожари се заснова на обука и едукација пред сè на секој корисник на објектите, со цел стекнување основни знаења од делот на превентива на пожар како и реакција при истиот. Сите компании имаат одреден број вработени и задолжени лица чие ниво на едукација и обука е нешто повисоко и имаат за цел меѓу другото во секојдневното работење да вршат тековни проверки на сите фактори битни за противпожарна заштита на истоимениот објект.
Заклучок
Иако СР Германија е лидер во Европа во делот на научноистражувачките достигнувања и на оперативно-техничката примена на решенијата и системите за превентивна заштита од пожари при градежните објекти, сепак бројката од 3.510 смртни случаи при пожари во периодот од 2011 до 2020 година (според Статиста), дава за право инженерската фела да се стреми кон уште построги законски прописи и барања, започнувајќи од фаза на проектирање, па сè до добивање употребна дозвола.
Во минатото има многу проекти кои од надлежните органи само поради одредени пропусти при изведба во делот на превенција од пожар немаат добиено употребна дозвола, меѓу кои и Аеродромот Берлин – Бранденбург, кој наместо во 2012, беше пуштен во употреба во 2020 година.
Автор: Горанчо ТОДОРОВ, дипл. град. инж.
(Специјално за Порта 3 од Берлин)