Архитектурата е секогаш современа, таа е надворешно средство што нè поврзува. Со ова објаснување, чилеанскиот архитект Франциско Дијаз вчера го почна претставувањето на архитектурата во неговата земја во последните години пред присутните во Музејот на град Скопје, како дел од настаните на овогодишниот БИМАС.
„Чиле е земја со многу архитекти, но тие не знаат каква е нивната улога, не знаат што сака народот, не знаат да станат активни чинители. Чилеанските архитекти не знаат урбанистички да го наредат градот“, вели Дијаз.
Дијаз, чилеанската архитектура од 1964 до 2014 година ја дели во четири периоди и секој од нив има свои обележја и особености.
Првиот период е од 1964 до 1974 година и се нарекува „соништа“, а тука се издигнуваат зградата „Порталес“ и градбата на Обединетите нации. Вториот период е од 1974 до 1990 година и тој архитектот го истакна како „ноќна мора“, кога во време на диктатура се донесува законот за пренамена на земјоделско земјиште во градежно, и тоа донесе да се изградат многу предградија кои наликуваа на американските. Третиот период, од 1990 до 2008 година, е „туш“ и тогаш Чиле е претставник на неолиберализмот. Периодот на „будење“ е од 2008 до 2014 година и е четвртиот по ред, а Дијаз го определува како време кога градот почнал да се осовременува.