Насловна / Архитектура / Претседателот на ААМ, Мишко Ралев оддаде почит на великанот Константиновски

Претседателот на ААМ, Мишко Ралев оддаде почит на великанот Константиновски

Со тага ја примивме веста дека на 08.12.2020 година, нашиот почитуван професор и драг колега архитект ГЕОРГИ КОНСТАНТИНОВСКИ, великанот на македонската архитектура засекогаш не напушти. Но, велат архитектите никогаш не умираат, тие продолжуваат да живеат по рабовите и вдлабнатините на своите згради споменувајќи за времето, луѓето и настаните што го одбележале градењето. Велат професорите не заминуваат, одекот на неговиот секогаш смирен и одмерен говор засекогаш ќе остане заробен помеѓу студентските клупи и табли, а неговата Да Винчиевска силуета повремено ќе се наѕира на прозорецот на неговиот кабинет за оние промислени набљудувачи. Велат и дека вистинските луѓе не умираат, тие живеат во вистините кои ги оставаат зад себе. Архитект Георги Константиновски (1930г. Краљево, Кралство на Југославија) е дел од првата генерација на студенти на тукушто отворениот оддел за архитектура на Техничкиот факултет во Скопје, на кој дипломирал во 1956 година. Магистрирал на Унивезитетот Јеил во САД во 1965 година кај Пол Рудолф и Сергеј Чермаеф. Работел во бироата на Јо Минг Пеи, Хенри Коб и Аракдо Касута во Њујорк.

ko2

Со објектите: Архивот на Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, палатите „Унија“ и „Кузман“, Спомен домот на Разловечкото востание во Разловци, Меморијалниот музеј „АСНОМ“ во Пелинце, Домот на печатот во Приштина, Константиновски завзема посебно место во аналите на југословенската и македонската архитектура. За своето творештво беше наградуван со највисоките професионални награди во Југославија и во Македонија, меѓу кои се Борбината награда, Гран при на БИМАС, и наградата за животно дело „Андреј Дамјанов“ со што се приклучува на Архитектонската академија на ААМ. Од 2007 година тој беше дописен член на Словенечката академија на науките и уметностите „САЗУ“, а во 2015 година е прогласен и за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите „МАНУ“. Сепак, сите овие квалитети не беа доволни тој да стане и редовен член на МАНУ, како и низа негови претходници.

Како претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, од името на членовите на асоцијацијата и од свое лично име изразувам искрено сочуство до семејството на професор Георги Константиновски. Професоре, почивајте во мир.

aam

4H5A6654

Испрати коментар

Scroll To Top