Архитектонското студио ASWA е главниот виновник за новиот проект за деловниот комплекс во кој ќе се сместат ресторан, кафуле, бар и деловен простор во близина на мостот на реката Чао Фраја во Нонтхабури, Тајланд.
Иницијалната идеја зад проектот е интеграцијата со локалниот контекст. Неговата местоположба и достапноста до градската магистрала помеѓу мостот Маха и паркот Чалоем Канчанафисек уште повеќе ќе ја потенцира автентичноста, предлагајќи неговиот волумен да се генерира како резултат на триаголната форма на парцелата.
Проектантскиот приод на ASWA произлегува од трапезоидна основа и максималниот волумен пропишани со условите за градба, при што најистакнат е волуменот насочен кон реката. Морфолошки, функционалниот простор од 1.400 метри квадратни е поделен на два дела со цел да се постигне визуелно, а и тактилно одвојување на угостителските содржини од деловните простори.
Земјиштето, се протега на приближно 1.270 метри квадратни, и е лоцирано помеѓу мостот и јавниот парк. Котата на венецот на наклонетиот волумен варира од 12 метри до највисоката точка од 17 метри.
Триаголната архитектура, со транспарентна фасада и форма во согласност со контекстот на нејзината локација, се пресликува и во ентериерот на ресторанот за крафт пиво. Покрај адаптацијата на кафетеријата, барот за дегустација, просторот наменет за ресторанот располага и со кровна тераса. Деловните содржини се ориентирани во внатрешноста спроти реката.
Ресторанот во однос на вкупната површина на објектот, се протега на четири ката и ги вбројува кафулето, пивницата, полу-отворениот внатрешен простор и уредената проодната кровна тераса. Канцеларискиот простор зафаќа три ката на спротивната страна и се состои од работни единици, сала за состаноци и простории за менаџментот.
Во однос на фасадната обработка, архитектите одлучија да се користат со локални материјали: транспарентен фиберглас и лиен бетон. Додатно на тоа, на фасадата беа поставени плочи од фиберглас, овозможувајќи природна дифузна светлина и транслуцентен ефект во внатрешниот простор. Во ноќните часови, благодарение на светлосниот ефект на фасадата , објектот несомнено ќе влијае и врз околниот контекст.