Врз основа на добиеното известување од Министерството за животна средина и просторно планирање на ден 06.11.2017 година, а во согласност со Заклучокот од 108-та седница на Владата на Република Македонија одржана на 25.12.2012 година, во случај на надминување на концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот во текот на пет последователни дена над 50 микрограми на кубен метар, градоначалникот на Град Скопје ги објавува следниве препораки.
Препораки до граѓаните:
– возилата да не се користат без потреба;
– повеќе лица да се возат во едно возило;
– да се користи јавниот превоз;
– за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал;
– да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци;
– печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот;
– редовно да се чистат оџаците.
Препораки за заштита на здравјето на луѓето:
Практикувањето одредени работи во секојдневното однесување може да го зачува здравјето на луѓето и да придонесе за намалување на времетраењето на епизодата со високи концентрации на загадување:
– Избегнувајте користење автомобил, доколку е возможно, претпочитајте јавен превоз, со цел да се намалат емисиите на PM10;
– Посебно доцна навечер или рано наутро кога концентрациите на PM10 можат да го достигнат максималното ниво, препорачливо е да се избегнува долгорочна изложеност на отворено;
– Доколку луѓето имаат повеќе од еден систем за греење во домот, пожелно е да се избегнува употреба на цврсти горива во текот на критичниот период со зголемени концентрации на PM10;
– Треба да се одложат сите активности на отворено, доколку не се итни.
Препораки до институциите и правните субјекти:
– да се зголемат инспекциските контроли на инсталациите во надлежност на МЖСПП и општините во градот Скопје;
– да се зголемат инспекциските контроли на субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла од страна на општинските инспекциски служби;
– да се зголемат и спроведат вонредни инспекциски контроли на градилиштата во надлежност на општините;
– да се спроведува зачестено чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на општините во градот Скопје;
– доставата на стоки со возила да се извршува пред 7:30 или по 18 часот;
обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18:00 часот;
– да се зајакнат вонредните контроли на МВР во однос на техничката исправност на возилата за кои се сомневаат дека имаат зголемени емисии на штетни гасови;
– да се зголемат инспекциските контроли на оџаците во домаќинствата, објектите и индустриските и занаетчиските постројки од страна на државните инспектори за заштита и спасување;
– сите правни субјекти (административни и јавни установи) што за затоплување користат уреди за согорување – котли, истите да ги контролираат за обезбедување оптимален режим за согорување, пропишан со стандардите, со што нема да испуштаат загадувачки материи;
– да се откажат/одложат големи јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено.