Во извештајот на Државниот завод за ревизија, односно во Конечниот извештај за ревизијата на финансиските извештаи на сметката на основен буџет за 2015 година на македонското Собрание, се споменува и огромната сума платена за обнова на „барокниот“ објект на Собранието.
Имено, во 2010 година предвидено е изведување на градежни работи за доградба, надградба и адаптација на објектот на Собранието. Вредноста на работите изнесува 12.700.000 евра. Кон основниот договор се склучени 6 анекси со кои вредноста на работите се зголемени по обем, вид, количина и вредност и плус направени се три анекси за продолжување на времето на реализација, која беше до март 2015 година. Анексите се склучени без објава на оглас, а вредноста на градежниот зафат се зголемила на 15.780.000 евра.
Канцеларии за контакт со граѓаните
Ревизорскиот извештај открива дека Собранието има за цел да го зголеми бројот на Канцеларии за контакт со граѓаните од 51 колку што беа во 2014 година, на 100 канцеларии на територијата на целата држава и преку својот буџет да обезбеди надоместок за ангажираните лица, како и за трошоци за нивното работење.
Во 2014 година за 50 канцеларии потрошени се 151.000 евра, а во 2015 за 59 исплатени се од буџетот на Парламентот 157.000 евра. Нивниот број и натаму расте, па до средината на 2016 година веќе се 61 канцеларија.
Ревизорите укажуваат дека пратениците треба да направат детална анализа дали воопшто се потребни вакви канцеларии, со оглед на тоа што општините се должни да им обезбедат еднаква помош во извршувањето на нивната функција преку обезбедување работна просторија и услови за контакт со граѓаните од неговата изборна единица. Во сите општини овие канцеларии постојат и функционираат, пишува ревизорот.