Насловна / Архитектура / Преосмислување на празнините меѓу планината и градот

Преосмислување на празнините меѓу планината и градот

ПОСТОЈНА СОСТОЈБА

Предложената локација за стадионот „Влазерими“ се наоѓа на источниот раб на градот Кичево: ја тангира Зајашка Река и има погледи кон падините на планинскиот појас од другата страна на реката. На северната страна и западната страна парцелата е обиколена од две закривени улици, зад кои се протегаат блокови со индивидуални куќи. Кон југ парцелата се допира со неизградена површина, во чиј опфат влегуваат два објекти во поголем размер од индивидуалните куќи.

montaza 5_resize

ПРОЕКТАНТСКИ ОДГОВОР

Посебните карактеристики на локацијата – близината до реката, пејзажната убавина на планината, граничната поставеност помеѓу природата и градот – во проектот е интерпретирана како премостување: просторен гест кој цели кон обединување на зелениот појас од другата страна на реката со површините за рекреација во спортскиот центар. Издвоените волумени и површини кои ја содржат предвидената програма, се распределени низ парцелата на начин кој дозволува вметнување на зелени вертикали помеѓу нив: дрвореди поставени во ортогонална мрежа. Така, планината и зеленилото се симнуваат во градот, низ ортогонална шума и „шума“ од столбови: покриени урбани променади кои ги врамуваат погледите кон пејзажот.

1_resize

КОМПОЗИЦИСКА ПОСТАВЕНОСТ НА ПРОЕКТИРАНИТЕ СОДРЖИНИ

Ориентацијата на целосниот опфат ја следи линијата на заштитното зеленило на реката Зајашка. Решението претставува композиција од волумени (стадион, медијатека, тремови) и отворени површини (влезен плоштад, две попречни улици за колски пристап, атлетска патека, небесна променада, мост преку реката Зајашка, мултимедијален центар, повеќенаменско игралиште, тениско игралиште, павилјон за игралиштата на отворено, детско игралиште, трем покрај реката).

osnova_resize

presek_resize

Во парцелата, најголема површина зафаќа стадионот, првиот изграден волумен, кој е решен во три крила со трибини. Четвртата страна е слободна и гледа кон реката – планината претставува четврта трибина. Тоа овозможува насочување на бучавата од навивачите кон планината (не кон градот) и нуди поглед кон зеленилото од другата страна на реката. Атлетската патека е решена надвор од стадионот, која се издига како тенка небесна улица над кејот на реката, формирајќи приземен трем помеѓу слободната страна на стадионот и заштитното зеленило.

5_resize

Вториот изграден волумен – мултимедијалниот центар, е двокатен хоризонтален павилјон поставен паралелно на пократката страна на стадионот, во јужниот дел од парцелата. Последниот модул од стадионот, ориентиран кон улицата „Загорје“, прераснува во кула на југозападниот агол од парцелата. Следењето на ортогоналниот правец на целината носи до создавање на еден отворен плоштад кон улицата „Загорје“: наместо гушење на уличниот фронт со изграден волумен решението предлага повлекување од улицата и вреднување на неизградениот градски елемент: плоштад-парк како in-between простор за рекреација. Плоштад-паркот е мултинаменски простор кој содржи времено лизгалиште (преку зима) и цветен пазар (во приземната околина на кулата). Истовремено, содржините од приземјето на стадионот (гимнастичка сала, фитнес-сала, сала за пинг-понг) истекуваат кон плоштад-паркот и се создава една визуелна и светлинска врска помеѓу внатре и надвор. Така, пристапот до медијатеката кон улица „Загорје“ е нагласен со триаголна ПРАЗНИНА и КУЛА на аголот.

montaza 2_resize

Третиот изграден волумен е павилјонот за отворените игралишта поставен помеѓу три отворени терени во северниот дел од паркот: повеќенаменско игралиште, тениско игралиште и детско игралиште. Павилјонот е благо подигнат трем, чии рабови прераснуваат во дворедни гледалишта кон игралиштата.

IMG_20190129_0005_resize

Проектот претставува одговор на Конкурс за идејно архитектонско-урбанистичко решение распишан од страна на Општина Кичево во јануари, 2019 година, награден со втора награда.

Автори на трудот се архитектите Марија Димитриевска, Викторија Богданова, Даница Спасевска, Милка Докузова и Христијан Ивановски.

montaza 6_resize

Автор: Марија ДИМИТРИЕВСКА, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top