Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заедно со премиерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово, денеска со еврокомесарите за преговори за проширување Јоханес Хан, и за транспорт Виолета Булц, договорија вклучување на земјите од Западен Балкан во Главната мрежа за инфраструктурно поврзување на Европската Унија, за што Еворпската комисија ќе издвои до една милијарда евра.
Процесот за дефинирање на Главната мрежа беше инициран од Европската комисија, која ги презентираше нацрт-мапите за Главата инфраструктурна мрежа со идеја да се поврзат главните градови, поголемите градови, аеродромите, како и да се осигура дека сите инфраструктурни инвестиции и технички стандарди се исполнети со што ќе се гарантира економски напредок и добра инфраструктурна поврзаност.
– Среќни сме што објавуваме дека денеска се договоривме за поврзување и следните чекори се да имаме студии и стратегиски концепти, оти поврзување е едно, но сеопфатна дополнителна мрежа е нешто друго. ЕУ ќе придонесе како прв чекор до 130 милиони евра во 2015 година од ИПА 2 фондовите, со цел да се почне со имплементирање на ова вмрежување. А, во следните години ќе обезбедиме до една милијарда евра, што ќе се обезбедат со финансиско посредство на европските институции, заеми, гаранции и слични работи, – истакна комесарот Хан по Конференцијата.