Насловна / Архитектура / Прекрасна вила на Миконос со дневна соба на отворено (ВИДЕО)

Прекрасна вила на Миконос со дневна соба на отворено (ВИДЕО)

Заснована на кикладската традиција и направена од локални материјали, оваа камена вила е добитник на бројни награди. Главниот простор за престој е голема тераса покриена со пергола, додека парчиња камен ископани на локацијата добиле свое специјално место.

2

Скриена од погледите на минувачите во ридовите на Миконос, а отворена кон морето и зајдисонцето над кикладските острови, сместена е Вила Мандра, исклучителен проект на грчки архитекти од бирото K-Studio.

Инспирирана од традицијата, камената вила се состои од три помали волумени кои опкружуваат голема тераса покриена со пергола, со отворен поглед на морето.

6

Исто така инспирирани и од скромноста и комплексноста на локалното наследство, проектантите својот архитектонски израз го свеле на два помали, традиционално бели волумени и трет од камен ископан на самата локација, позиционирани околу голем отворен простор покриен со дрвена пергола.

3

Природно интегриран во островскиот амбиент, камениот ѕид е изѕидан и околу уредената градина, чувувајќи ја приватноста на локацијата. Некои од камените ѕидови се оставени груби и необработени, додека некои традиционално се обоени со бела вар.

4

Куќата е градена за млад пар, како вила за одмор со шест соби во која би уживале со семејството и пријателите. Идејата за опуштен летен живот, поврзување со драги луѓе и природата, имала најголемо влијание врз развојот на концептот, па архитектите наведуваат дека овде формата, наместо да ја следи функцијата, ги следи емоциите и секој дел од просторот станува нова можност за одмор, размислување и истражување.

8

Централната точка на концептот е голема покриена тераса опкружена со поврзаните волумени на куќата, замислена како заеднички простор за дружење и одмор, сличен на голема дневна соба на отворено. За да може оваа идеја да функционира во сончеви и топли климатски услови, терасата е покриена со лесна дрвена пергола, која дава сенка и заштита.

7

Директно поврзана со внатрешната дневна соба и кујната, а со величенствен поглед преку базенот кон Егејското море, терасата е опремена со голема дрвена трпезариска маса и удобен надворешен мебел, заедно со шармантни декоративни детали.

Клучна за карактерот на куќата е палетата на традиционални материјали како вар, камен и дрво, применети и прилагодени на современите техники, создавајќи инспиративна архитектура која го спојува локалното наследство со современиот начин на живот.

5

Свртени кон базенот, кујната и дневните простории се отвораат кон дворот, додека спалните соби се сместени во посебни згради од секоја страна заради поголема приватност.

Природниот камен и дрвото ги поврзуваат ентериерот и екстериерот, со светли песочни тонови и многу зеленило. Изборот на декоративните детали се надоврзува на идејата за поврзување на традиционалното и модерното, така што делата на модерната уметност се застапени истовремено со предметите и мотивите на историска Грција.

10

Под градината со базен се наоѓаат спалните соби, каде што непречено се ужива во директен поглед на морето. Со одвојување на спалните соби направена е јасна граница помеѓу заедничкиот и приватниот простор.

9

Деталите како што се заглавието на креветот изработено од ленено платно, затегнато меѓу метални шипки, ноќните орманчиња направени од дрвени кутии во камените ниши, како и мермерните пултови со бели мијалници во бањата, зборуваат за целосна посветеност на дизајнот и обмислено следење на концептот.

12

Камен ископан на самата локација и рачно обработен, е симбол присутен низ целиот комплекс. Кај предниот влез, означен со размак во камениот ѕид, дрвен кровен носач се протега низ терасата и се потпира на надворешниот агол на големо парче груб камен наместо столб. Исто така, повеќе груби камени блокови се расфрлани по ходниците и околу базенот, формирајќи камени патеки од спалните соби до главниот простор за живот на отворено.

11

Во контраст со овие груби детали, стои едно дрво маслинка кое го задржало својот простор и добило парче небо со сечење на отвор во перголата, за да може непречено да расте.

13

Вила Мандра е повеќекратно наградуван проект на едноставна, но луксузна медитеранска куќа, базирана на кикладската традиција, збогатена со природни материјали и инспирирана од современ летен начин на живот.

Испрати коментар

Scroll To Top