Опкружена со шума во канадската провинција Онтарио, уникатната куќа „Bridgehouse“ создадена од перуанското студио „Llama Urban Design“, претставува иновативно решение за живеење во контакт со природата.
Описно наречен Куќа-мост, се протега преку канал и поврзува две страни од долината покриена со дрвја. Праволиниската куќа долга 38 метри има влез од двата краја, а за разлика од традиционалните куќи, „Bridgehouse“ има и петта фасада – на дното.
Нејзината предна настрешница служи и како скалило што го поврзува главното ниво на куќата со голема тераса на покривот.
Главниот материјал од кој е направена куќата се залепени ламинирани греди, кои ги поместиле границите на издржливоста на дрвото и овозможиле „мостот“ да се протега 18 метри над клисурата.
Отворениот ентериер зафаќа над 220 метри квадратни. Пространата дневна соба се наоѓа на пет метри над земјата, на совршено место за набљудување на природата.
Дизајнот на куќата овозможил централната фасада свртена кон езерото да содржи лизгачка врата долга 12 метри што ја претвора дневната соба во место од каде има прекрасен поглед на природата.
Планот на куќата е симетричен, со кујна и дневна соба во центарот. Спалните соби со приложени бањи се наоѓаат на нејзините краеви, а куќата содржи уште две соби во приватната зона.