Amager Resource Center и SLA ги објавија завршните идејни скици за проектот за парк на покривот на постројка за третирање на отпад („Amager Bakke Waste-to-Energy Plant Rooftop Park“). Површината од 16.000 квадратни метри се карактеризира со комбинација од ски патеки и зеленила со кои ќе биде прекриен покриот на новата и најодржлива постројка за преработка на отпад во Копенхаген, а воедно ќе претставува јавен и зелен парк.
Првобитно било планирано ова идејно решение да го направи компанијата BIG – Bjarke Ingels Group, меѓутоа активниот парк на покривот го проектирале данските стручњаци за пејсажна архитектура од SLA. Кога ќе биде завршен во септември 2018 година, зелениот парк на покривот ќе обезбеди простор за многу активности на отворено за граѓаните на Копенхаген и посетителите. Тука ќе се наоѓаат: пешачки патеки, игралишта, справи за вежбање на отворено, патеки за трчање, ѕидови з а спортскo качување , како и скијачка патека од 500 метри, која е проектирана од страна на BIG.
Создавањето на парк на врвот од 88 метри високиот објект на постројката за преработка на отпадот е проект без претходни референци. Исклучително стрмниот нагиб на покривот поставил големи барања од аспект на распоредот на засадите и проектирањето на пејсажите, но секако и комплицираните температурни услови на таа височина создаваат понеповолни услови за стеблата и растенијата. Еден од предизвиците секако е високата температура од околу 60 степени Целзиусови, бидејќи под покривот се енергетските котли.
Секако, проектот на создавање на атрактивен и зелен парк на покривот од „Amager Bakke“ бил предизвик сам по себе. Целта е да се трансформира „Amager Bakke“ во спектакуларен рекреативен јавен простор кој ќе им донесе корист на сите жители на Копенхаген во текот на целата година. Но, проектот не се ограничува само на обезбедувањето „зелени атракции“ за покривот, туку осмислен е на тој начин што природно ќе се шири кон околната градска средина, со цел зајакнување на биодиверзитетот во поблиската околина. На овој начин, „Amager Bakke“ ќе функционира како великодушна „зелена бомба“ која радикално ќе ја озелени и „подигне“ целата област. Реализацијата на овој проект е веќе започната и се очекува комплетно да биде завршена во септември 2018 година.