Реномирано по реализацијата на голем број ентериери во Лондон, архитектонското студио Inside Out Architects било именувано и за редизајнот на овој луксузен и уникатен станбен простор во централен Лондон.
Постоечкиот објект се одликува со интригантно тактилна индустриска структура со соголени бетонски конструктивни елементи во внатрешноста. Со цел да се потенцираат оригиналните структурални елементи, почетокот на редизајнот се базира на целосно „соблекување“ на ентериерот, враќајќи го неговиот примарен израз на едноставна конструктивна обвивка, каде есенцијален детаљ претставува соголената драматична геометрија на бетонските греди.
Функционалните простори се дизајнирани со одмерени, едноставни и ненаметливи детали, како контраст на цврстата текстурирана бетонска структура. Отворената основа е организирана на таков начин што секоја од функционалните партиции има целосна акустична сепарација, истовремено почитувајќи ја комплексната соголена геометрија. Едноставната експресија е збогатена со бројни притаени функционални единици како кревети на извлекување, интегрирани грејни тела, кујнски елементи, стаклени површини, лизгачки партиции и целокупната бања.
Во дневниот престој како фокусна точка се појавува кујнската работна површина, дефинирајќи активно катче во склоп на отворениот простор.
Обесените метални профили обезбедуваат функционално осветлување во долната зона, истовремено осветлувајќи ја и бетонската плафонска конструкција со цел да се креира топла и пријатна атмосфера во просторот.
Комбинацијата на осветлување, колористичките тонови и текстури создаваат серија на хармонични домашни партиции сместени во урбаниот метеж на централен Лондон.