Оригиналност во ставот и визијата спроведени преку формата, бојата и модуларноста, со природата како главен актер кој рационално, дури и малку арогантно ги бележи и поврзува елементите во единствена композиција, карактеристики се на куќата со поглед на езеро, дело на авторскиот тим на бирото Figurr Architects Collective. Ни ја претставуваат природата преку нова визуелна форма која ја интегрира севкупноста на нејзиното постоење и значење.
Задачата и целта на уметникот е првенствено да ја проучува и продлабочи смислата и значењето на бесконечниот видлив и невидлив свет, а потоа да го имплементира во свое дело и да го преобликува, па така да понуди сеопфатна визија, а потоа и толкување на суштината на животот, суштина која содржи разбирлива хармонија, а тоа секако е природата.
Слоевитата тема на природата, која низ историјата на човештвото влијаела на визионерските мисли и имагинацијата на творците, несомнено била инспирација на авторите кои се обидуваат да не вратат назад во времето кога човекот знаел и чувствувал дека е составен дел од околниот жив свет.
ПРИРОДАТА КАКО ПОЧЕТОК И КРАЈ
Со поглед на езерото Manitou Lake, оваа куќа со површина од 390 квадратни метри се наоѓа во местото Ivri-sur-le-Lec во канадската провинција Квебек. Проектирана е од тим канадски архитекти од Figurr Architects Collective. Таа ја слави природата како чиста и недопрена радост, како надеж која носи силни пораки и зборува на сложен, а сепак за сите разбирлив јазик – за минливоста, за среќата, за болката, љубовта и спокојот.
ПРАКТИКЛНОСТ НА МОДУЛАРНИОТ ДИЗАЈН
Модуларната, еколошки инспирирана куќата претставува доверба, сигурност и релаксација, духовност, младост и сила. Куќата се состои од пет префабрикувани прилагодени модули, кои се составени пред испорака до локацијата. Концептот овозможил изградба под оптимални работни услови. Иако е префабрикуван и склопен на делови пред да биде поставен на локацијата, тој не е накалемен во секојдневието на човек без мотиви, со естетски порив и предизвици, туку е резултат на длабоко размислување и согледување на целата форма, потоа поединечните облици, тенки линии и разновидност на бои. Користејќи го модуларниот принцип на креирање објекти, архитектот го совладува просторот поставувајќи го секој поединечен модул како комплетна целина што може да се користи самостојно, а истовремено обезбедувајќи сите делови со своите структурни и функционални односи да формираат холистички единствен состав.
Ентериерот на куќата е проектиран така што секој член на семејството има свој личен простор. Отворениот концепт на приземјето има голема кујна и трпезарија, додека удобниот простор на дневната соба со трем е опкружена со езеро и шума. На приземје има и столарско ателје. Нивото спуштено кон езерото проектирано е така да не го нарушува погледот на прекрасниот пејзаж. Чистата и концизна геометриска композиција, како и едноставноста и концизноста на практичниот дизајн, ги покажуваат предностите на модуларноста во обликувањето, кои лежат во високата рационалност и сеопфатната ефикасност.
ОДРЖЛИВОСТ
Конципирана со визија за исклучително мало влијание врз животната средина, куќата е изградена од одржливи и локални материјали. Големите прозорци ја доловуваат убавината на природата во полн сјај и овозможуваат внатрешниот простор да биде преплавен со светлина. Директната сончева светлина ги намалува трошоците за греење и осветлување. Дрвото што се користи во внатрешниот простор создава топла и пријатна атмосфера. Чистата и отворена скала на неколку нијанси на дрво е во контраст со металот обоен во црно, што придонесува за донекаде драматичен и експресивен израз.