UNESCO предупреди дека е можно Плитвичките езера да бидат симнати од листата на заштитено светско наследство, заради прекумерниот број на туристи кои секоја година ја посетуваат оваа туристичка дестинација, како и прекумерната изградба на апартмани. Низ Националниот парк Плитвице дневно минуваат над осум илјади туристи, а во екот на сезоната тој број се удвојува. Како што пренесува Index.hr, заради подобро селфи и големите гужви, во изминатите години петмина туристи паднале во провалија, а за една туристка од Словачка, минатата година падот бил фатален. Подрачјето на Националниот парк Плитвички езера се протега на површина од 300 km2 , и целиот тој простор е под заштита на UNESCO, но, се разбира, многу локали во ова препознале прилика за заработка. Апартманите никнуваат како печурки по дожд, и тоа и не би било толку трагично доколку би постоел некој одржлив план за нивното градење. Но, просторниот план е донесен и покрај бројните забелешки на јавноста и Управата на паркот, само заради големиот интерес и апетит на инвеститорите. Заштитата на природата е ставена во втор план.