Денешните успешни архитекти и градежни инженери, но и целокупната работна сила вклучена во градежната индустрија мора да се стекне со дигитални вештини и техничко знаење што ги бараат и инвеститорите и енергетската политика на ЕУ за дигитализацијата на оваа индустрија и мерливите заштеди на енергија… Сето ова може да се постигне преку изучувањето на една од најатрактивните и најбарани современи методологии – БИМ или Градежното информатичко моделирање (Building information modeling – BIM).
Градежната индустрија подразбира поставување и изградба на инфраструктура и други индустриски модели – основа на националните и глобалните економии. Новите технолошки методологии и алатки бараат од сите чинители во синџирот на градежни вредности да ги прилагодат и развијат своите стратегии за справување со новата „нормалност“ во индустријата и да направат промени кои се однесуваат на водечките технолошки процеси, неопходни во овој современ начин на живот.
Професорот Колин Хејсти, архитект со страст кон дигиталните иновации во градежништвото и архитектурата кој е сертифициран практичар за БИМ методологијата, консултант за БИМ во Градежениот центар за иновации во Шкотска, вели дека оваа технологија всушност значи градење на информации за моделирање.
– Тоа е процес соработка меѓу сите страни, различни тимови, различни дисциплини работат заедно, за поефикасно да ги завршат проектите. Во суштината на БИМ е ефикасноста. Целиот тим е вкучен. Понекогаш, некои сметаат дека клиентот не е вклучен, но клиентот е можеби најважната личност, бидејќи кога на крајот на проектот, кога ќе дојде до фазата на предавање, дигиталните информации кои тимот ги направил се информациите кои се предаваат. Тие се она што клиентот го зема. Можеби го имате слушнато терминот дигитален близнак. Тоа е моментално клучен збор, барем во Обединетотот Кралство кога е во прашање дигиталното предавање на информации. Дигиталниот модел што сме го направиле како тим, помеѓу дизајнерите и изведувачите, на крајот му се предава на клиентот – вели Хејсти.
Тој објаснува дека БИМ нуди огромни можности за да се подобри ефикасноста на градежништвото, од идејниот проект, па сѐ до животниот крај на објектот. Тој може да се усвои во сите области на градежната индустрија.
Кога е во прашање градежната индустрија во Македонија, таа има многу слаби, но и силни страни, заклучува професорот Игор Панчевски во обемната анализа „Врските меѓу образовниот сектор и вработувањетои јазовите во градежниот сектор“, направена за УНДП, како дел од проектот „Премостување на јазот кај вештините за создавање нови и подобри работи места“.
Панчевски, заедно со д-р Маркус Пауел заклучиле дека Владата се залага за поддршка на градежниот сектор, засегнатите страни се организирани во секторот, компаниите се залагаат за меѓународните стандарди за квалитет, дека деловната средина е поволна и погодна за инвестиции и има флексибилен пазар на труд за инвестиции и работодавци. Но, ова се според нив слабите страни на кои мора да се работи на краток, среден и долг рок:
„Постојат ограничени податоци за градежниот сектор и неостиг на структури во Владата за олеснување на дијалогот со засегнатите страни во секторот“, пишува во анализата.
Една од загрижувачките слаби страни е и нискиот капацитет на формалниот образовен систем да одговори на побарувачката, недостаток на заложба за учење на работното место, ограничена поврзаност меѓу давателите на обука и пазарот на трудот како и немање средства или шеми за поддршка на одржлива градба на згради.
Една од најголемите закани за овој сектор, се заклучува во анализата, е тоа што младите не се заинтересирани да се обучуваат за работа во градежниот сектор, а мал е и бројот на млади луѓе кои работат во секторот.
„Закана е и ниското учество на жените кое е концентрирано на административни позиции, миграција на квалификувани работници во ЕУ, компаниите немаат информации за технологијата, има голем и растечки јаз/недостиг на квалификувана работна сила со кој се соочува секторот, но и неподготвеност да се инвестира во нова технологија и во надградба на вештините на постојните работници“ , се вели во анализата.
Панчевски објаснува дека градежниот сектор во Македонија, вработува околу 56 илјади лица и потребата за нови работници во овој сектор е голема.
– Оваа бројка може да биде за неколку илјади десетици зголемена. Сепак, за да се оствари тоа, покрај градежниот сектор, потребно е да се направат промени и во самиот образовен сектор. Градежниот сектор има недостаток на квалификуван кадар и тоа посебно на млади луѓе – вели Панчевски.
Токму, дополнителната едукација во најиновативните дигитални технологии може да биде голема предност за професионалците од оваа област и компаниите. На платформата Skills4Future.mk, која здружува бизниси, професионалци од индустријата, академијата, јавниот сектор, мрежите за економски развој, може да се најдат многу информации за БИМ технологијата, предавања од еминентни професори, но и и јавни повици за обуки на професионалци од овој сектор.
Во моментов е актуелен повикот наменет за компании од градежниот сектор кои се заинтересирани за воведно запознавање и учество на 4 воведни сесии за BIM (Building Information Modeling. Крајниот рок за пријавување е 17 декември 2021 година.
Претходно, завршени се повеќе воведни БИМ работилници со над 100 учесници, градежни инженери, архитекти, машински инженери и други заинтересирани професионалци, кои имаа можност да се запознаат со основните принципи на БИМ, добија приказ на 3Д-моделирање во БИМ и видови на на 3Д-моделирањето во оваа индустрија, ги разгледаа различните стандарди во студиите на случај и ја увидоа важност на соработката во целиот процес помеѓу сите страни вклучени во градбата.
Бојана Бораниева од градежната фирма „Бортас“ вели дека презентацијата била одличен вовед во БИМ-технологијата и можноста за нејзина имплементација во работењето на нејзината компанија.
– Денес научивме многу, а за голем дел од она што го нуди технологијата не бевме ни свесни дека постои како можност. Стандардите и принципите на работа, прикажани денес, се дополнителен сегмент за чие воведување ќе биде потребно многу време и работа, но сигурна сум дека со квалитетни обуки и желба за подобрување на процесите, ќе успееме да ги имплементираме и кај нас – вели таа.