Стариот дел од градот Скопје претставува само еден дел од целокупниот град и лежи до денешниот нов центар. Тој дел е и доказ дека градот има историја.
Факт е дека не сè што е старо има подеднакво значење. Поради тоа нужна е класификација на објектите според историското, културното и архитектонското значење. Потребно е да се разработат предлог-опции и перспективи за одржување и обнова на Старата чаршија во Скопје, кој не зафаќа само одредени површини, туку секоја парцела поединечно.
Во изготвената програма за обнова и развој на Старата чаршија треба да се земе предвид административна подготовка, истражувачко ниво и имплементација преку обновување на стариот дел на Скопје.
Административна подготовка
Пред почнување на која било програма за обнова и развој на Старата чаршија, која е еден од симболите на градот Скопје, треба да постои стручен кадар и експерти со долгогодишно искуство и овластување. Старата скопска чаршија во 2008 година е прогласена за споменична целина и за културно наследство од особено значење и затоа уште повеќе нејзиното одржување и обнова треба да го водат професионалци.
Порано експертите ги решавале проблемите на старите историски јадра со разни методи кои со текот на времето се покажаа како неуспешни и неефикасни. Тоа е последица од бирократската администрација, недовербата во изготвениот план, недостигот на финансиски средства, неефикасното функционирање на правниот и политичкиот систем, или затоа што тој проблем се ставал на второ место, по проширувањето на градот и потребата од изградба на нови објекти од различен урбан карактер, станови за живеење и сл.
Најуспешен модел за ревитализација на Чаршијата е основање на нова посебна агенција за обнова и развој на стариот дел на Скопје, со своја администрација, експерти и технички кадар, кои ќе имаат големи овластувања во врска со контролата, уривањето, изградбата, обновата, имотните и правни односи, инвестициите и постоење независен буџет во рамките на градската управа на Град Скопје.
Истражувачко ниво
За ова истражување треба да се основа експертски тим, составен од архитекти, археолози, историчари, економисти, социолози и градежни инженери. Тие треба да направат прецизно мерење на сите историски градби во Старата чаршија во соработка со сите архитектонски факултети во Република Македонија, чии студенти веќе имаат направено неколку мерења во овој дел на главниот град. Истовремено состојбата на градбите може да се процени и да се одредат објектите кои треба итно да се поправаат под стручен надзор, да се одреди цената на поправките и да се оствари програмата за конзервација на објектите.
Треба да се нагласи дека поправките на градбите треба да се изведат според највисоките норми и стандарди. Многу верски градби, особено џамии, се реновирани и обновени во последните години, а исто така, и дел од фонтаните беа обновени и пуштени во употреба. Ваквите зафати охрабруваат и покажуваат дека се подига свеста за потребата да се конзервира историската архитектура во Старата чаршија. Но, мора да се каже дека ова обновување не ги задоволува професионалните стандарди. Многу објекти се реновирани или повторно изградени во модерни стилови кои не наликуваат на старата традиционална македонска архитектура, премногу стари вградени камења непотребно се заменети со нови, со што објектите го изгубија својот оригинален карактер.
Потребно е градската управа на Скопје во соработка со сите архитектонски факултети во државата да испрати повеќе свои архитекти, заинтересирани за конзервација, на натамошна специјализација и практика на разни универзитети кои имаат поголемо искуство во областа на конзервација и реставрација на традиционалната архитектура.
Програма за работа
Старата чаршија претставува само еден дел од целокупниот град и се наоѓа до сегашниот нов центар. Тој историски дел е сведоштво за историјата на градот. Стариот град не е музеј, туку место за живеење и работа, кое е запоставено. Поради тоа, треба да се подобри квалитетот на живеењето и да се внесе нов живот кој одговара на современите стандарди.
Градската управа на Скопје мора да одговори на следните прашања: Што може да се задржи, а што да се измени? Што би требало да се урне, а што повторно да се изгради? Како се прави разлика меѓу градби кои се вредни за одржување според историското, културното, верското и архитектонското значење?
Сè што е старо нема подеднакво значење. Поради тоа неопходно е власта да направи класификација на објектите според историското, културното и архитектонското значење. Потребно е да се изготви предлог-план кој не опфаќа само одредени површини, туку за секоја парцела одделно и ова претставува важна задача за правниот и политичкиот систем во државата.
При постоење поголем број објекти битни се карактерот, волуменот и неговите димензии, без да има потреба од археолошка реставрација. Треба да се ослободат и парцели за нови градби, секако внимавајќи и почитувајќи го духот и карактерот. Целта на реновирањето на Старата чаршија е зачувување на вредните делови, уривање на новоизградените објекти кои немаат историска вредност за да се обезбедат зелени површини за рекреација, како и уривање на дивоградбите, доградбите, надградбите врз историските објекти за да се намали оптоварувањето на носечката конструкција.
Старото и новото треба да бидат во соодветен сооднос. Во традиционалната архитектура на стариот дел на Скопје не се работи за нешто различно во споредба со другите градови со историска архитектура во светот. Тоа што е важно за одржување на стариот град не е само архитектурата на одделни објекти, туку и спомениците и структурата на историскиот град, поставеноста на улиците, плацовите и уличната слика. Факторите, како што се историскиот континуитет, урбаната форма на архитектонски композиции, сликата на градот, хармонијата, идентитетот, поврзаноста ги претставуваат основните цели на обновата на Чаршијата која е дел од стариот дел на Скопје. Компактноста и поврзаноста на градската архитектура е многу важна карактеристика на стари градови.
Мерките за санација треба да бидат одредени врз основа на новите барања на станарите, на градежната технологија, на јавните услужни дејности. Обновувањето на целата Стара чаршија изгледа нереално. За вистинско санирање и заштита на спомениците во стариот град се потребни многу средства. Градската управа е во можност да преземе мерки за санација и регистрирање на состојбата. Треба да се обрне внимание на подобрување на инфраструктурата, како што се јавните патеки, поплочување на внатрешните пешачки улици, електричните инсталации и телефонија, водоводот и канализацијата. Исто така треба објектите да се реставрираат и да се подобри нивната кондиција, функција и изглед. Обновата и реконструкцијата може да биде во поголеми размери на ниво на стариот град, како што се поплочување на улиците во пазарот и чистење на камените ѕидови, снабдување на куќите и домовите во стариот град со современи кујни, бањи, без менување на надворешниот изглед на фасадите.
Освежување на фасадите по должина на главната улица, нови симболи на стариот град, нови правила за работа на занаетчиите во Чаршијата е дел од решението и тоа би требало, веројатно, да се повторува секоја година во зависност од развојот на настаните во државата. Но, сите овие мерки однадвор се неопходни за Старата чаршија, со цел да се поттикнуваат приватни иницијативи и да се подигне свеста за вредноста на стариот град.
Единствената гаранција за издржливоста на зградите се станарите т.е. нивните сопственици. Ако тие ги одржуваат своите куќи и ги обновуваат, тогаш има решение за поголемиот дел од станбеното ткиво во Чаршијата. Поради тоа имотните односи, социјалната структура, трговијата, јавните и приватните дејности и инфраструктурата се наоѓаат во средиштето на овие предлози.
Тука треба да се земе предвид меѓународното искуство за одржување и обновување на старите градови и да не се повторуваат истите грешки што беа направени во некои други држави во врска со санацијата и заштитата на старите градови. Подземниот урбанизам во старите градови може да доведе до опасни последици за населението на целиот град, како што се на пример: криминални и патолошки појави на подземниот урбанизам од кои Старата чаршија страда, имајќи ја предвид мешаната етничка структура на стариот дел на Скопје.
Во повеќе земји во развој и покрај лошите услови е направено многу од различни организации на Обединетите нации, а посебно од страна на Германската корпорација за меѓународна соработка GmbH (The Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ)), која обезбедува услуги во областа на меѓународната развојна соработка. Фондацијата главно имплементира проекти за техничка соработка на различни институции, и работи и со приватниот сектор и со други државни и национални владини организации врз основа на јавен интерес. Во своите активности се стреми да го следи моделот за одржлив развој, кој има за цел да постигне рамнотежа помеѓу економскиот развој, социјалната вклученост и заштитата на животната средина. Таа корпорација обезбедува консултантски услуги и услуги за градење капацитети во широк опсег на различни области, вклучувајќи консалтинг за менаџмент, рурален развој, одржлива инфраструктура, безбедност и градење мир, социјален развој, владеење и демократија, животна средина и климатски промени, економски развој и вработување.
Кај нас може да се користи меѓународното искуство од земјите во развој. Овде има многу странски проекти кои даваат успешни резултати и за кои мислам дека може да бидат од голема корист и за зачувувањето и обновувањето на Старата чаршија во Скопје, како и на стариот град воопшто.
Предлозите за заживување на старите градови се заеднички и општоприфатливи
Освен стратегиите што треба да бидат разработени за некои градови, особено во однос на историските, природните и социоекономските околности, следниве предлози за заживување на старите градови се заеднички и општоприфатливи:
- Планот за обнова на стариот дел на Скопје треба да е во сообразност со планот за развој и обнова за целиот град. Стратегиите како целосно конзервирање или целосна модернизација треба да се отфрлат како нереални;
- Целиот стар град не би можел ниту да се одржи, ниту да се обнови. Стариот град му припаѓа на минатото, а неговите жители живеат во сегашноста. Архитектонската структура би требало да се ангажира и истовремено да се земат предвид барањата и потребите на современото живеење.
- Сè што старо не е и вредно за зачувување, односно нереалните цели што се однесуваат на одржување на архитектурата;
- Меѓу старото и новото треба да се воспостави соодветен сооднос, новите градби треба да се придржуваат кон градскиот карактер и внесувањето на современите елементи во градбите треба да биде сообразно со традицијата на градот;
- Одржувањето на стариот град не е секогаш условено од парите, сиромаштијата можеби, е најдобриот чувар на историските споменици. Тоа е повеќе прашање на ставот, посветеноста и односот на жителите и на градската управа во однос на наследството. Поради тоа треба да се развие свеста за постоење на културните вредности и за значењето на традиционалните куќи. Недостигот на парите не би требало да биде изговор за општата рамнодушност;
- Учеството во одржувањето е невидлив составен дел на секој концепт за одржување на стариот град. Можностите за учество треба да се имаат предвид не само при планирањето, туку и при реализирањето на замислата;
- Подобрувањата, изградбата на основната техничка, социјална и културна инфраструктура се право на жителите на стариот град и треба да биде меѓу првите задачи на градската управа на Скопје. Тие не се однесуваат само на жителите на новиот дел, туку и на стариот град;
- Стариот град им припаѓал на пешаците и би требало да остане таков и во иднина. Сообраќајот во градот треба да биде намален до најнеопходното;
- Домувањето треба да биде основната структура на стариот град. Домовите треба да имаат основна санитарна инфраструктура, а истовремено да обезбедуваат слобода, мир и спокојство, потребни за современиот начин на живеење.
Како појдовна точка, градските власти можат да почнат со еден пилот-проект. Но, претходно треба да се спречи заканувачкото распаѓање на објектите. Реставрацијата, обновувањето, како и повторната изградба на градбите што би ги направил градот, треба да ги поттикнува сопствениците и самите да си ги обноват своите куќи. Поради тоа, потребно е отворање советувалиште за сопствениците на таквите куќи. Во рамките на пилот-проектот може да се бараат причините за неговото распаѓање, но треба да се знае дека зачувувањето на целиот град не е возможно.
Неопходните промени и обновувањето треба да се прифатат. Најчесто градот нема доволно средства, па поради тоа треба да се бараат практични и реални решенија.
Потребни се стручни одлуки од професионалци без никакви политички цели
За реализација на предложените мерки е неопходно да се преземе широк спектар на дејствување на различни нивоа од Владата на Република Македонија, градската управа и од институциите за заштита на историските објекти, а пред сè да се решат имотно-правните односи.
Последниве години одржувањето на Чаршијата не е приоритет, освен во некои политички кампањи, заради нечии политички цели. Проектите за реставраторско-конзерваторски работи во некои делови на Чаршијата се без никаков ефект. Понекогаш на повикот за спасување воопшто немало одзив! За долгорочните проекти не се потребни многу пари, трпение и разбирање, туку стручни одлуки од професионалци без никакви политички цели.
Постојат различни фондови на различни организации на Обединетите нации, а исто така и други фондови во државите на Европската Унија кои може активно градската управа да ги користи за обнова и развој на Старата чаршија во Скопје. Јавната свест на граѓаните за одбрана и чување на сопствената култура, историја и идентитет треба да биде на прво место. Мојата порака на крај, како Палестинец кој ја сака Македонија до правниот и политичкиот систем во Република Македонија е да направат нешто сериозно за спасување на македонската историја и култура.
Автор: проф. д-. Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.
*Текстот е подржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија