Денеска во организација на лиценциран колективен постапувач ЕЛКОЛЕКТ доо Скопје се одржа конференција на тема „Предизвици во управувањето со отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори“.
Конференцијата имаше за цел да ги информира клучните чинители за новините во законодавството во делот на управувањето со отпадната електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, да даде осврт на можностите и предизвиците, но и да поттикне дискусија за идниот развој на секторот.
„Денес овде сме собрани за да ја претставиме состојбата со системот за управување со отпадни батерии и електричниот и електронски отпад во Република Македонија, по заедничките активности на министерството, бизнис заедницата и невладиниот сектор, кои сите заедно делуваа со цел да се поддржи имплементацијата на Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори и Законот за управување со електрична и електронска опрема, да се зајакнат капацитетите на општините за поставување на системот и да се развие свеста кај граѓаните и младите луѓе за рециклирање на овој отпад“, истакна Билјана Зефиќ, в.д. директорката на Управата за животна средина во своето обраќање.
Во изминатиов период, со донесувањето на двата закона состојбата со управувањето со овој вид на отпад е делумно подобрена, но според неа, по речиси пет години од стапувањето на сила на законите, сеуште имаме потреба од силна кампања и промовирање на законите за да се постигне нивна успешна имплементација, како и воспоставување на потребната структура за имплементација на законодавството.
Елколект е лиценциран колективен постапувач со отпадна електрична и електронска опрема чија основна цел е да воспостави функционален и одржлив систем за постапување со овој вид на отпад