Во среда (23 март) во Музеј на Македонија, во 12.12 часот ќе се одржи предавање „Early Agricultural Communities of Southwest Ukraine“. Се работи за серија предавања организирани од Центарот за истражување на предисторијата-ЦИП, и овој пат ќе бидат презентирани почетоците на земјоделството во Источна Европа.
Во соработка со Музејот на Македонија, ЦИП ги покани реномираните украински археолози Павел Шидловски и Евген Слиесарев од Универзитетот „Тарас Шевченко“ во Киев, да одржат предавање концентрирано на процесот на неолитизацијата и неговата манифестација во рамки на миграциите, стопанството и социјалните сфери.
Гостите ќе говорат за првите земјоделски заедници во Југозападна Украина и значителните промени врз економијата и материјалната култура во овој регион.
Посебен акцент ќе биде ставен на камените алатки, нивната технологија и локалните карактеристики во рамки на археолошките култури познати како Криш, Буг-Дњестар и Трипоље.