Познатиот археолог Туна Акчај, професор по археологија на Гази универзитетот во Анкара, денеска во Музеј на Град Скопје ќе одржи предавање на тема „Животот и смртта според култот на мртвите во Олба“. Музејот го организира предавањето во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“ од Скопје.
Туна Акчај дипломирал археологија и социјални науки на Универзитетот во Мерсин, Турција. Магистрирал на тема „Гробницата Олба“, а докторски студии запишал на Универзитетот во Келн, Германија. Во 2012 година докторирал на тема: „Култот на мртвите во гробницата Олба“, по што работи како професор на Факултетот за археологија при Гази универзитетот во Анкара.
Учествувал на археолошки истражувања на повеќе локалитети низ Турција и придонел за зачувување и промовирање на културните вредности на градот Мерсин.
Од 2000 година Акчај се посветил на уметничката фотографија. Околу 50 негови фотографии биле наградени на национално и меѓународно ниво. Во 2013 година ја добил престижната награда за најуспешна уметничка фотографија и е прогласен за најдобар фотограф во Турција. Таа година учествувал и на конкурс за фотографија организиран од УНЕСКО и добил награда за најуспешно остварување.
Со група врвни фотографи во 2013 година го основал Здружението „Анадолска фотографија“ во кое е заменик претседател. Дела на десет членови на Здружението од 1 до 8 декември се претставени на изложбата „Турска современа фотографија“ во галеријата Чифте амам во Скопје.