Во сабота (20 мај) во ЛГБТИ центарот за поддршка (улица Наум Наумовски Борче 83), во периодот од 12 до 14 часот, ќе се одржи предавањето „Неколку примери во современото кураторство: три изложби 2014-2017“ на Џон Блеквуд од Универзитетот „Роберт Гордон“, Абердин, како и разговорот со Бојан Иванов, историчар на уметност од Скопје.
Предавањето и разговорот се дел од вториот модул во рамките на дискурзивно – едукативната програма СОВРШЕНИОТ УМЕТНИК, која се одвива во периодот од мај до јули оваа година на повеќе локации во Скопје.
Џон Блеквуд
Предавањето „Неколку примери во современото кураторство: три изложби 2014-2017“ ќе потенцира три изложби од современата уметност во кои Блеквуд бил вклучен, на директен начин или индиректно како набљудувач. Првата е изложбата „Паралелни универзиуми“ во галеријата „дуплекс100м2“ во февруари 2014 година; втората е канонската изложба „Патека на меморијата“ курирана од Пјер Куртин во галеријата „Агнес б“ во Париз во јуни 2014 година, а третата е изложба која ја курирал во „Самерхил“ во Единбург во 2017 година, насловена „Архипелаго“ во која биле вклучени дела од три современи шкотски уметници.
Ова предавање ќе служи како средство за опишување на некои од предизвиците со кои се соочуваат кураторите што работат на полето на современата уметност, во работењето со мали буџети и во оформувањето и развивањето на кураторски концепти од почетната идеја до финалната реализација. Меѓу темите за кои ќе се разговара се и екосистемите на современата култура, периферијалноста и „онтологија на прогонетоста“.
Др. Џон Блеквуд е предавач на „Критички и контекстуални студии“ на Греј школата за уметност на „Роберт Гордон“ Универзитетот во Абердин. Тој е активен како куратор и писател во Шкотска но и во земјите од поранешна Југославија. Помеѓу 2011 и 2014 година, тој живеел во Сараево, Босна и Херцеговина. Блеквуд курирал изложби во Сараево, Загреб, Цетиње, Лондон, Единбург и Абердин.
Тој е автор на книгата „Критичка уметност во современа Македонија“ („Мала галерија“, Скопје 2016 година) и „Вовед во современата уметност во Босна и Херцеговина“ („дуплекс 100м2“, Сараево, 2015 год.).
Блеквуд работи на релацијата Шкотска – Босна и Херцеговина и Македонија и во неколку поединечни проекти во овие три земји.
Дискурзивно – едукативната програма насловена „Совршениот уметник“, која за првпат се случува оваа година, е дел од биеналната нагарада ДЕНЕС, која од 2003 год. се доделува на млад визуелен уметник до 35 години.
Наградата досега ја организирал Центарот за современи уметности – Скопје, а од 2015 година како коорганизатор се приклучува организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје.
Оваа програма е курирана од Ивана Васева и иницирана како една од програмските целини на организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат од Битола/Скопје, a во партнерство со Центарот за современи уметности – Скопје и Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопјe. Тргнувајќи од самиот концепт на организацијата која инкорпорира знаења кои се споделуваат, разменуваат и заемно надоградуваат а не се студираат или научуваат, оваа програма произлегува од потребата за едно консолидирано, посветено и артикулирано место за значења од областа на современата визуелна уметност.
Прекаријаните услови – немањето можности за работа на полето на уметноста, фондови за развој и унапредување на уметничките можности и аспирации, но и ретроградната и непосветена едукација се причина за развој на оваа програма. Оттаму, идејата е преку практично но и теоретско дејствување со фокус на дијалог, размена на искуства и дебата, да се воспостави општествена инклузија на младите уметници но и нивната непосредна околина, и да се понудат можности за зајакнување на едукативниот систем во земјава, посебно во визуелната уметничка дисциплина.
Програмата е составена од четири модули и подразбира предавања, работилници и дискусии, како и производство на јавни настани, а вклучува голем број на локални, регионални и интернационални гости, првенствено се однесува на млади уметници од цела Македонија (до 35 години) но сите јавни настани може да ги проследува поширока публика.
Вториот модул од оваа програма, кој се случува на 20 и 21 мај 2017 година е насловен „Внатрешно и надворешно контестирање на рамката: современи кураторски и уметнички практики“ и преиспитува поединечни но и групни изложби и кураторски практики, кои се јавија како „последици“ од настаните за време и по распадот на државата Југославија и зголемениот интерес на Западот за „балканската уметност“ на почетокот на 21 век. Прашањето што го поставува овој модул е колку сите овие случувања оставиле траги не само на образовната етика туку и на развојот на уметничката сцена?
Исто така, дискурзивно – едукативната програма насловена „Совршениот уметник“ е курирана програма за уметници т.е. не е програма за куратори. Таа детектирајќи ги локалните проблеми ќе понуди еден кураторски развоен и процесен модел кој ќе се креира и развива според потребите на учесниците.
Таа ќе се одржи на три локации во Скопје: Мобилна/монтажна галерија, кино на Железничка зграда и Кино Култура, но и во соработка со повеќе простори во Македонија. Таа е бесплатна и се одржува на македонски и англиски јазик.