Со само 30 години искуство во изградбата и во одржувањето пречистителни станици за отпадните води, на Македонија ѝ останува да изоди уште многу долг пат за целосно да ги заштити водотеците, езерата, вештачките акумулации и природата воопшто, од штетното влијание на човековите активности.
Пречистелна станица во Куманово
Водата се користи интензивно во сите урбани центри во државата и во речиси сите поголеми и погусто населени рурални населби во домаќинствата, за индустриски и за други потреби. Тоа што останува од неа по човековата експлоатација, и што се враќа во природата, најчесто е со крајно незадоволителен квалитет.
Реките и другите водни површини се загадуваат и на мнигу други начини, вклучително и со постојаното исфрлање тони комунален отпад во нив, што би значело дека отпадните води од човековите населби не се нивни единствен загадувач. Но без да се реши проблемот со нив, не би се постигнала крајната цел ниту со сите акции за чистење речни корита.
Поглавјето за животната средина е едно од најкомплексните и најскапите поглавја за пристапување кон Европската Унија и бара големи финансиски средства за достигнување на поставените стандарди.
Пречистелна станица во Куманово
Но, од целото поглавје најскапи се областите за управување со отпадот и управување со водите. Во Македонија постои национална стратегија за води 2011-2041 која го регулира управувањето со водите и влијае врз институциите од областа на управувањето со водите. Еден дел од таа стратегија е и прочистувањето на отпадните води. Системите за прочистување на отпадните води се особено значајни за човештвото бидејќи постои голем здравствен ризик од енормно дневно производство за отпадна вода.
Пречистелна станица во Царев Двор
Решенијата опфаќаат пречистителни станици. Во Македонија немаат сите градови и општини пречистителни станици за отпадни води. Првите пречистителни станици во Македонија се изградени во 1985 и 1988 година во Враништа и тоа за реоните Охрид, Струга, Трпејца, Пештани и Лагадин за над 90 илјади население, а процесот на прочистување е механички и биолошки.
Втората пречистителна станица е изградена во 1989 година во Дојран и ја прочистува водата механички, билошки и хемиски. По неколку години пауза, изградбата продолжила во 2000 година во Свети Николе и Македонски Брод, потоа во 2005 година е изградена во Ресен за реонот на Јанковец, Царев Двор и Езерани, и која водата ја прочистува само механички и биолошки. Во 2007 година се изградени пречистителни станици во Куманово и Кривогаштани, а во 2010 година во Берово.
Пречистелна станица во Ново Село
До сега Македонија располага само со тие осум пречистителни станици за отпадни води. Според податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање, во тек на изградба се пречистителни станици во Волково, Гевгелија и Прилеп. Најновата пречистителна станица што ќе почне да се гради ќе биде во Струмица, но тоа ќе се случи дури кон средината на идната година. Капиталниот инфрастуктурен проект вреден 9,8 милиони евра е во фаза на пронаоѓање на изведувач на градежните работи за што е распишан меѓународен тендер кој трае до 21 идниот месец.
До крајот на годинава ќе биде избрана компанија која ќе ја гради пречистителната станица, а по нејзиниот избор во периодот од јануари до јуни 2016 година ќе се изработи основниот проект, додека изградбата ќе трае до јули 2017 година. Финансиските средства се обезбедени преку неповратен грант од Европската Унија.
Што се однесува до останатите градови од Македонија, тие засега се без пречистителни станици и за нив има само планирани проекти за изградба. На оваа листа се Скопје, Тетово, Битола, Радовиш, Кочани, Делчево, Гостивар, Кичево, Дебар, Кавадарци, Штип и Велес.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека е почната тендерската постапка за шест проекти и тоа за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Радовиш и проширување на приоритетната канализациона мрежа. Други проекти се рехабилитација и проширување на канализациона мрежа во Куманово и Берово, надградба на пречистителната станица за отпадни води во Враништа и проширување на колекторскиот систем за Охридското Езеро и одвојување на фекалната и атмосферската канализација за градовите Охрид и Струга.
Во оваа листа е и изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Струмица. Вкупната вредност на проектите изнесува 42 милиони евра и се предвидени во рамките на Оперативната програма за регионален развој 2007-2013 година, ИПА компонента – план Б. Од МЖСПП велат дека градежните работи за сите овие проекти би требало да почнат до крајот на оваа година.
Градот Скопје својата пречистителна станица треба да ја добие дури во 2020 година. Проектот за изградба на пречистителна станица за Град Скопје е во тек и се одвива според предвидената динамика, велат градските власти. Француската компанија EGIS работи на студија за изградба на пречистителната станица во градот Скопје, која ќе вклучува физибилити студија, анализа на придобивки и трошоци, студија за оцена на влијанието за животна средина и техничка документација за изградба на станица за пречистување на отпадните води, образложуваат од Градот.
Основната задача на студијата е да го дефинира најдобриот пристап за финансирање, изградба и работење, како и управување со станицата за третман на отпадни води која ќе опслужува повеќе од 600 илјади жители, преку избор на најсоодветни финансиски и технолошки модалитети за спроведување на работните активности.
Исто така, студијата треба да обезбеди висококвалитетни и одржливи решенија со кои се решаваат проблемите поврзани со третманот на отпадните води и управувањето со милта во услови на најмали оперативни трошоци и трошоци за одржување.
Досега, од страна на консултантот се изработени два извештаи односно воведниот и извештајот за опции за третман на отпадната вода и третман на милта. Во рамките на овој извештај се разгледани повеќе варијантни решенија, од кои, базирајќи се на одредени критеруми за евалуација како и на SWOT анализата, предложени се две решенија кои, пред сè, обезбедуваат ефикасен третман на отпадните води од Град Скопје во согласност со стандардите и барањата на националното законодавство, како и на Директивата за третман на урбани отпадни води.
Во тек е процесот на избор на најсоодветно решение за кое во наредниот период треба да се изработи соодветна техничка документација на ниво на Основен проект, и студија за оценка на влијанијата врз животната средина и анализа на трошоци и придобивки, додаваат од градот.
Локацијата на пречистителната станица е дефинирана во ГУП за град Скопје и се наоѓа по должина на левата страна на коритото од реката Вардар во општина Гази Баба, во Трубарево, што е до источната граница по урбанистичкиот план за Град Скопје.