Грчката православна црква Свети Никола, која ја замени црквата уништена на 11 септември 2001 година, официјално е отворена во Светскиот трговски центар во Њујорк.
Проектирана од прославениот шпански архитект Сантијаго Калатрава, новото здание се наоѓа на местото на храмот од 19. век, единственоиот објект вон комплексот WTC кој во нападот целосно е срушен.
Изградена како дел од обновата на локацијата на Светскиот трговски центар, за која урбанистички план изработи архитектот Даниел Либескинд, црквата е сместена веднаш до Националниот споменик и музеј на 11. септември кој се наоѓа на местото на некогашните кули близначки.
Калатрава, како што вели, ја проектирал да биде „засолниште за богослужба“, но и потсетник на влијанието на терористичките напади, пишува Dezeen.
„Да се види грчката православна црква Свети Никола и националното светилиште конечно отворено, е симбол на иднината на Долен Менхетен и дефинирање на минатото“, изјави Калатрава.
Новата црква е издигната околу седум метри над нивото на улицата и е проектирана да биде светилник.
Инспирирана од византиската архитектура и особено од Света Софија во Истанбул, црквата е распоредена околу централна галерија над која е поставена купола.
Ѕидовите на овој централен дел се направени од тенки плочи од пентелиски мермер за да може објектот да се осветлува ноќе.
Куполата е со 40 прозорци поделени со 40 камени радијални лаци, кои потсетуваат на Аја Софија. Околу централниот простор се наоѓаат четири камени кули кои на објектот му даваат квадратна форма.
Влезот во црквата, кој гледа на голем отворен плоштад, поставен е помеѓу две од овие кули и води директно до главната серија литургиски простори. Покрај главните литургиски простори, на горните катови на кулите поставени се неколку социјални простории и канцеларии.
„Ова светилиште ќе биде место за секој што ќе дојде на светото место на Светскиот трговски центар, место каде што ќе се запрашаат и замислат свет во кој милосрдието е неизбежно, помирувањето пожелно, а прошката можна“, рече американскиот архиепископ Јоанис Ламбринијадис.
„Се надевам дека ќе видам дека оваа градба служи на својата цел како прибежиште за богослужба, но и како место за размислување за тоа што преживеал градот и како напредува“, продолжува Калатрава.