Архитектот Михаил Георгиу проектира капела во Кипар задржувајќи ги елементите на локалната црковна архитектура истовремено оплеменувајќи ја со модерен начин на обликување.
Капелата од само 60 квадратни метри ги има сите вообичаени архитектонски елементи на православната црква: наос, олтар, нартекс, два брода…
Сепак, капелата на архитектот Михаил Георгиу, посветена на Светиот апостол Петар и Света Елена, обликувана е поинаку што може да се види од влезот, кадешто закривениот покрив излегува од габаритот на објектот, со што се создава предпростор, кој е тука за да ги „поздрави“ верниците и посетителите.
Закривениот покрив преоѓа преку внатрешниот дел сосема доволно да овозможува на природната светлина да продира во внатрешноста на капелата.
На источниот крај, се наоѓа една самостоечка полукружна форма во која е сместена апсидата, пишува ArchDaily.
На западниот крај на капелата се поставени вертикални решетки кои служат за намалување на на продирање на силното грчко сонце во внатрешноста на објектот, а при тоа на нив е закачена и црквената камбана.
Целата западна страна е во стакло, односно во стаклени врати во висина од 5,4 метри, кои ја филтрираат светлината, создавајќи посебен амбиентален впечаток во ентериерот.
На иконостасот се насликани Исус Христос, Богородица, Светиот апостол Петар и Света Елена, кои се дополнително нагласени со филтрираното амбиентално светло.
Геометриските орнаменти висат од таванот како небески тела.
Капелата е направена од челик и армиран бетон и завиткана со сеизмичко изолациона лушпа со дебелина од само 100 милиметри.
Лушпата е направена од фероцемент, композитен материјал кој често се користел во 60-тите години на 20 век за изработка на такви структури и чамци.
Техниката е оживеана во овој проект, со цел да се добие што попрецизен закривен облик на покривот, и одржување на ниските трошоци на изградбата.