Познатиот архитект Даниел Либескинд ја дизајнираше новата зграда на Универзитетот Леуфан во германскиот град Линебург (Lüneburg), во соработка со своите студенти.
Имено, традицијата на овој универзитет е студентите да учествуваат во промените и развојот на кампусот. Новиот објект, наречен New Central Building, служи како нов јазол на кампусот и промовира дисциплинска и вкрстена интеракција помеѓу студентите и факултетот.
Огромното искуство на Либескинд и свежите идеи на студентите резултирале со импресивно решение во архитектонска и техничка смисла.
Во објектот со површина од 13.000 квадратни метри сместени се четири различни функционални делови: студентски центар, центар за семинари организиран на три ката, амфитеатар Либескинд со 1.100 седишта и истражувачки центар, кој се протега на останатите седум ката.
Процесот на соработка меѓу студентите и славниот архитект Либескинд, кој стои зад проектите како што се One World Trade Center и Совремниот еврејски музеј, се одржувал за време на семинарот што тој го водел, пишува Inhabitat.
Освен што се занимавале со функционалност и естетика, Либескинд и студентите преку својот проект значително биле фокусирани и на одржливоста.
Енергетски ефикасната зграда функционира благодарение на обновливите извори на енергија. Тука се зелените покриви, кои може да се видат и од внатрешноста, системот за отпадни води, како и иновативниот систем Cobiax со кој се добиваат лесно армирани бетонски плочи.