Со отворено писмо објавено во лондонски „Тајмс“ и голем дигитален билборд поставен пред влезот на железничката станица Ватерло, познати имиња од САД, меѓу кои и Сузан Сарандон, Дерил Хана и Роберт Кенеди јуниор, ги повикаа Британците и другите Европејци да се придружат во акцијата за забрана на производство на генетски модифицирани организми за исхрана. Во пораката се истакнува дека жителите на Велика Британија треба да го кренат гласот против ГМО производството на храна додека не е доцна.
Кампањата за забрана на ГМО во САД ја водат голем број невладини организации за заштита на здравјето и животната средина, а поддршка даваат и поголем дел од бизнис заедницата, организации на потрошувачи и повеќе медиуми. Над 57 милиони поддржатели на анти ГМО кампањата во САД нагласуваат дека по две децении од масовната примена на ГМО во производството на храна се забележани поголем број заболени од сите возрасти и помал општ имунитет кај помладите. Освен тоа, биле неточни тврдењата на промоторите на ГМО дека со ваков начин на производство ќе се намали употребата на пестициди. Практиката од теренот покажува дека одгледувачите со ГМО технологија употребиле 24 посто повеќе пестициди од земјоделците што останале на класичниот начин на производство.
Пораката и предупредувањето од САД дојдоа токму пред донесувањето на дефинитивната одлука на земјите од Европската Унија за судбината на ГМО производството. Новиот пропис, според кој ЕУ ќе им препушти на државите членки сами да одлучуваат дали ќе го дозволат, ограничат или забранат ГМО производството, ќе биде на дневен ред на Европскиот Парламент во следниот месец.