По повод 60 години од скопскиот земјотрес Европската куќа во Скопје реализираше конкурс за млади архитекти и урбани планери „Скопје на новата генерација“, кои требаше да ја замислат и променат урбаната средина во Скопје.
Главната цел на конкурсот е да инспирира иновативни идеи за архитектонски и урбан простор.
Вчера на 13. ноември на денот на ослободување на Скопје од фашистите, Европската куќа го одбележа својот четврти роденден со изложба и доделување награди за конкурсот „Скопје на новата генерација“. Настанот се случи во комплексот на Пошта, вредно архитектонско дело на архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени. Па така не случајно, токму овој објект е избран за место на настанот.
На нконкурсот пристигнаа 12 труда од 24 млади архитекти, а секој од нив претстави планови за обнова на различни локации во градот. Првата награда ја доби „Лотос за неа“ на Антонио Грујевски за фонтаната „Лотос“ во Градски парк Скопје. Втората награда ја добија Даниела Василева, Сара Велеска и Сара Трајкова за „Реимагинирање на боените бранови“ за кејот Димитар Влахов покрај реката Вардар. Третата награда им припадна на Натали Велеска, Ален Цветковски и Дона Митровска за нивниот проект „СпајнХ“ наменет за ревитализација на улицата Пластичарска.
Конкурсот „Скопје на новата генерација“ го оценуваше жири составено од пет члена од сите пет архитектонски факултети во Скопје, (Меѓународен Балкански универзитет, Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), Универзитетот МИТ, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.
Изложбата во Централна пошта ќе биде отворена за јавноста во наредните три дена, од вторник до четврток, од 12 до 15 часот.
Фото: КИРО ПОПОВ