Насловна / Архитектура / Познати добитниците на ГОДИШНАТА НАГРАДА ПОРТА 3 ЗА 2023!

Познати добитниците на ГОДИШНАТА НАГРАДА ПОРТА 3 ЗА 2023!

„Порта 3“ единствено списание за архитектура, градежништво и екологија во нашата држава, секогаш се труди да афирмира вистински вредности, да пофали, но и да критикува, преку текстови на Редакцијата и на соработниците. Во рамките на своето делување „Порта 3“ доделува и награди во трите области со кои се занимава. Оваа година наградата се доделува јубилеен, петти пат.

Целта на наградата е да афирмира поединци, групи, тимови или компании кои се стручни во своите области и со своето делување и знаење ја унапредуваат професијата со која се занимаваат.   Сферата која ја покрива наградата „Порта 3“ се разликува од наградите кои вообичаено се доделуваат кај нас.  Ова подразбира дека наградата може да се додели на поединци, тим, компанија, институција или општествена активност и ангажираност во различни домени на инженерството,  проектирањето, изведувањето, публицистичката, истражувачката и научната дејност, едукацијата, како и областите кои се нераскинлив дел од инженерската професија како што се геотехника, енергетска ефикасност, дигитални технологии и други.

Сметаме дека е многу важно да имаме универзални критериуми за доделување на наградата со што достојно и стручно ќе им оддадеме почит на оние што неуморно и посветено се занимаваат со професијата, а нивното делување ја унапредува струката. Наградата претставува вреднување на професионален труд и благодарност за оние кои негуваат вистински вредности и кои успеаја со својата работа, доследност и вештина да придонесат за квалитетот на професијата.

Statuetka-i-Plaketa-Porta3-1_resize

Критериуми за доделување на наградите

Креативен, стручен и интелектуален пристап на архитектурата, градежништвото и екологијата и дејностите поврзани со нив. Квалитетни објекти кои се значајна и впечатлива архитектура, создадени со квалитетни функционални решенија, урбанистички соодветно поставени кои се вклопуваат во околината и придонесуваат за нејзино унапредување, современо архитектонско обликување постигнато со првостепена пластика, комплексни градежни и еколошки зафати и интервенции. Признати професионалци и во странство, способни секаде да ги совладаат стручно сите предизвици.

Општествена одговорност во планирањето на просторот – урбанизам, одржливост на околината, амбиентот, научни студии и анализи, поддршка на градежната индустрија, животната средина, културен идентитет, висок професионален морал. Придонес за развој на професиите преку делување на различни начини, и валоризирање, негување и заштита на стручноста.

Комисијата за доделување годишна награда „Порта 3“ од областа архитектура, екологија и градежништво 2023 година работеше во состав:

1. Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, дипл. инж. арх. – главен и одговорен уредник на „Порта 3“

2. Вања Дончева-Рајатоска, дипл. инж. арх. – претседател на Издавачкиот совет на „Порта 3“

3. Натка Ќосева, дипл. инж. арх. – соработник на „Порта 3“

4. доц. д-р Златко Зафировски, дипл. град. инж. – член на Издавачкиот совет на „Порта 3“

5. Даниела Младеновска – соработник за екологија на „Порта 3“

Наградата за архитектура ПОРТА 3 2023 година му се доделува на архитект д-р Владимир Б. Ладински

Vladimir

Д-р Владимир Б. Ладински е регистриран архитект и овластен менаџер во Велика Британија.  Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје. Интердисциплинарните постдипломски студии по просторно и урбанистичко планирање во Љубљана ги завршува на Англија Раскин Универзитетот во Кембриџ и станува магистер по урбанистичко и регионално планирање на тема „Станбената обнова во Скопје по земјотресот од 1963 година“.  Докторира на ИЗИИС во областа на заштита од земјотреси преку урбанистичко и архитектонско планирање и проектирање.  Завршува студии за настава во секторот за доживотно образование, и дипломски студии по лидерство и менаџмент.

Својата професионална кариера ја започнува во „Македонијапроект“ – Скопје, а по заминувањето во Англија првин работи во приватно проектантско биро во Кембриџ (Николас Реј Овластени Архитекти) од кое по околу една деценија се префрла во Јавно претпријатие за проектирање во Гејтсхед (Служба за проектирање) каде подоцна станува и главен архитект. Неговото професионално искуство опфаќа работа на нови, како и адаптација и доградба на постојни објекти во доменот на образованието, домувањето, социјалната заштита и културата, и вклучува работа на заштитени објекти од градителско наследство и проекти во заштитени амбиентални средини, или пак во заштитени зелени подрачја.

LAND OF OAK AND IRON

Континуирано се надградува, и времено се вклучува во образовна и истражувачка соработка на универзитетите во Кембриџ, Нортамбрија и во Њукастел каде се јавува како истражувач, инструктор, ментор и надворешен испитувач.  Дополнително во рамките на работната организација се јавува како ментор за професионална пракса, и како рецензент на научни списанија.  Како редовен професор придонесува во наставата на предметот Одржливо проектирање на Факултетот по архитектура и дизајн на Универзитетот Aмерикан Колеџ во Скопје и се јавува како ментор на магистерски трудови. Објавува над 300 текстови во списанија од доменот на градежништвото во Северна Македонија од кои најголемиот број за Порта 3, како и околу 40-тина трудови во научни и стручни публикации во земјата и во странство.

Во јавниот сектор главно работи на образовни, станбени, социјални и културни објекти меѓу кои особено се истакнуваат и два наградени на коишто тој се јавува како водечки проектант.  Адаптацијата и доградбата на црквата „Света Мери“ во Центар за културно наследство во Гејтсехд е добитник на Меѓурегионалната награда за заштита на објекти (2011), на Меѓурегионална златна награда за архитектура (2011) и на Регионална награда за архитектура (2009), сите на Кралскиот институт на британските архитекти, како и на Златен венец на Асоцијацијата на овластени инженери за високоградба (2009).  Центарот за културно наследство „Земјата на дабот и железото“ во Винлатон Мил е добитник на Националната награда за нов објект на Асоцијацијата на овластени инженери за високоградба (2019).  Владимир Ладински е добитник на Националната награда за најдобар проектант на станбени и мали комерцијални објекти на Градежната инспекција на локалните власти во Англија (2022).

Наградата за градежништво ПОРТА 3 2023 година му се доделува на проф. д-р Милорад Јовановски

фото

Проф. д-р Милорад Јовановски e редовен професор при Градежниот факултет, на Катедрата за геотехника. Дипломирал на Рударско-геолошки факултет во Штип при УКИМ во 1988 година, магистрирал во 1993 година на Рударско-геолошки факултет во Белград, Србија, а докторирал во 2001 година на Градежен факултет – Скопје при УКИМ. Предава поголем број на  предмети како: „Инженерска геологија“, „Применета хидрогеологија“, „Геотехнички истражувања“, „Подобрување на карпи“, „Механика на карпи“, „Свлечишта и стабилност на косини“, „Проценка на ризици во геотехника“ и  други.

Тој е активен член на поголем број на стручни здруженија како: Друштвото за геотехника на Македонија (каде од 2014 до 2018 бил претседател),  Здружението „Македонски комитет за големи брани“, Друштвото за патишта на Македонија, Македонското друштво за геологија (каде е потпретседател), Инженерската институција на Македонија (каде бил потпретседател од 2016 до 2020 година) и др. Тој е и прв претседател на Одделението за геотехника при Комората на овластени архитекти и овластени инженери во периодот од нејзиното основање до 2016 година.

Награда-Најдобро-Здружение-МАГ-ИСРМ_001

Автор или коавтор е на околу 210 трудови објавени во зборници на трудови од домашни и меѓународни конгреси или списанија од кои голем дел се на SCI-листата. Автор е на три универзитетски учебници.

За своите залагања, во 2019 година добива Голем златен медал на честа од Австриското здружение на архитекти и инженери за особени заслуги во развојот на инженерската геологија и геотехниката. Тој е почесен член на Српското друштво на градежни инженери и на Друштвото на патишта на Македонија, а добил и признанија за развој на геотехниката од Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

Член е на Меѓународното друштво за механика на почви и геотехничко инженерство како и на Меѓународното друштво за механика на карпи и инженерство во карпите, каде во моментот е заменик-претседател за периодот од 2023 до 2027 година.

Наградата за екологија ПОРТА 3 2023 година се доделува на БОРЕНКА – волонтерска иницијатива за пошумување на опожарени подрачја

IMG_4183

БОРЕНКА – единствената боенка која враќа живот е најголемата волонтерска иницијатива за пошумување на опожарени подрачја во организација на Сојуз на извидници на Македонија под покровителство на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сојуз на извидници на Македонија е национална извидничка организација, најголемата организација за деца и млади во Македонија со 70-годишно искуство.

Во последните две години, Македонија беше зафатена од повеќе од 500 шумски пожари со финансиска штета од околу 14 милиони евра. Врз основа на предвидувањата на ЈП „Национални шуми“ ќе бидат потребни повеќе од 50 години за да се обнови штетата направена во последните две години на повеќе од 30.000 хектари шумска површина.

_Y8A5247

Во 2022 година, Сојузот на извидници на Македонија ја започнува најголемата волонтерска иницијатива за пошумување на опожарени подрачја во Македонија – Боренка.

Проектот за пошумување се спроведува во соработка со ЈП Национални шуми кои обезбедуваат подготовка на теренот и саден материјал како и давање стручна помош, експертиза и надзор во дејствијата за садење.

Боренка е интерактивна акција која има за цел да ја подигне свеста на граѓаните, особено на децата и младите, за важноста на шумите, заштитата на природата, последиците од глобалното затоплување и превенцијата и заштитата од пожари. Како дел од акцијата БОРЕНКА, се користат т.н. боренки – јаглени моливи направени од изгорени дрвја. Покрај волонтирањето, граѓаните можат да се вклучат во акциите за пошумување на уникатен начин користејќи ги овие БОРЕНКИ, на сајтот на организацијата можат да нацртаат сопствено дрво, да му дадат име и да го засадат во виртуелна шума. За секое засадено дрво на страницата, волонтерите на Борeнка ќе посадат вистински расад на опожарена земја.

Досега во Боренка се имаат вклучено повеќе од 1 000 волонтерите, пошумени се осум опожарени подрачја, засадени се повеќе од 30 000 садници и спроведени се повеќе од 50 едукативни работилници за повеќе од 5 000 деца во четири региони од земјава.

Испрати коментар

Scroll To Top