Насловна / Архитектура / Познати добитниците на ГОДИШНАТА НАГРАДА ПОРТА 3 ЗА 2022!

Познати добитниците на ГОДИШНАТА НАГРАДА ПОРТА 3 ЗА 2022!

„Порта 3“ како единствено списание за архитектура, градежништво и екологија, повеќе од 15 години од излегување на првиот број се труди да афирмира вистински вредности, да пофали, но и да критикува, преку текстови на Редакцијата и соработниците. Во рамките на своето делување „Порта 3“ воспостави и награди во трите области со кои се занимава. Оваа година наградата се доделува по четврти пат.

Целта на наградата е да има поширок дијапазон. Може да се додели на поединци, тим, компанија, институција или општествена активност и ангажираност во доменот на проектирањето, изведувањето, публицистичката, истражувачката и научната дејност и легислативата. Но, исто така „Порта 3“ се труди да има универзални критериуми за доделување на наградата со што достојно и стручно ќе се оддаде почит на она што претставува вистинска вредност, вреднување на професионален труд и благодарност до оние кои успеаја со својата работа, доследност и вештина да придонесат за квалитетот и стручноста во своите професии.

За наградата одлучуваше петчлено жири во кое членуваа архитекти, екологист и градежен инженер.

Statuetka-i-Plaketa-Porta3-1_resize

Критериуми за доделување на наградите

Креативен, стручен и интелектуален пристап на архитектурата, градежништвото и екологијата. Квалитетни објекти кои се значајна и впечатлива архитектура, создадени со квалитетни функционални решенија, урбанистички соодветно поставени кои се вклопуваат во околината и придонесуваат за нејзино унапредување, современо архитектонско обликување постигнато со првостепена пластика, комплексни градежни и еколошки зафати и интервенции. Достигнувања во дизајнот, технички и технолошки достигнувања во трите области. Социјална и општествена одговорност во планирањето на просторот – урбанизам, одржливост на околината, амбиентот, научни студии и анализи, ефекти во животната средина, културен идентитет, висок професионален морал. Придонес за развој на професиите преку делување на различни начини, и валоризирање, негување и заштита на стручноста.

Комисијата за доделување годишна награда „Порта 3“ од областа архитектура, екологија и градежништво 2022 година работеше во состав:

1. Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, дипл. инж. арх. – главен и одговорен уредник на „Порта 3“

2. Вања Дончева-Рајатоска, дипл. инж. арх. – претседател на Издавачкиот совет на „Порта 3“

3. Натка Ќосева, дипл. инж. арх. – соработник на „Порта 3“

4. доц. д-р Златко Зафировски, дипл. град. инж. – член на Издавачкиот совет на „Порта 3“

5. Даниела Младеновска – соработник за екологија на „Порта 3“

Наградата за архитектура ПОРТА 3 2022 година се доделува на архитектите од Одделението за архитектура и од Одделението за урбанизам при Комората на овластени архитекти и овластени инженери – КОАИ

koai

Ценовник

Како резултат на долгогодишните напори и вложен труд на сите тела и органи на КОАИ, како и на сите нејзини членови од основањето до денес, на 1 декември 2022 година во Службен весник на РСМ бр. 259 е објавен Ценовникот за инженерски услуги – ценовник за  висината на минималниот надоместок на услугите на овластените архитекти и овластените инженери во област на високоградбата. Со овој ценовник се пропишува висината на минималниот надоместок за извршените архитектонски и инженерски услуги од страна на овластените архитекти и овластените инженери, учесници во активностите, во обем предвиден со Законот за градење и подзаконските акти кои произлегуваат од него. Ценовникот се однесува на услугите кои ги наплаќаат физичките и правните лица, регистрирани за вршење на дејности за архитектонски и инженерски услуги, како севкупен трошок за услугите, а се смета врз основа на просечна цена на изградба за метар квадратен и вкупна инвестициона градежна вредност. Во надлежност на Управниот одбор на Комората е формирањето Комисија за спроведување на Ценовникот. Бидејќи Ценовникот се однесува за надоместок во високоградба, Одделението на архитекти беше најактивното, најистрајното и најупорното одделение кое со години, вклучувајќи ги сите свои членови, особено членовите на Собранието, кое децении наназад вложуваше огромни напори да се донесе Ценовникот и секако да отпочне неговата примена.

a1

Architect’s Council of Europe (АСЕ) – најголемото архитектонско семејство на Европа

На покана на претседателката на ACE, Ruth Schagemann на второто годишно собрание на АСЕ за 2022 година, што се одржа во Брисел на 24 и 25 ноември, присуствуваа претседателката на Комората Кристинка Радевски и раководителката на Одделението на архитекти во Комората Веселинка Герасимова-Петровска. Поканата да се стане членка на оваа најпрестижна архитектонска организација во Европа е резултат на долгогодишна работа на архитектите на тоа поле и на многубројните комуникации со колегите од земјите во регионот и пошироко. На настанот беше најавено пристапувањето на Комората на овластени архитекти и овластени инженери во АСЕ – најголемото архитектонско семејство на Европа преку своето одделение за архитектура, во април 2023 година.

Полагање стручен испит од областа на урбанистичкото планирање

Со Законот за урбанистичко планирање од февруари 2020 година се воведува полагање на стручен испит како услов за стекнување овластување од областа на урбанистичкото планирање.

По одлука на Министерството за транспорт и врски, организацијата на сите активности поврзани со полагањата е делегирана да биде во рамките на работење на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. КОАИ во соработка со МТВ ја закажа првата испитна сесија за новите апликанти за стекнување со овластување од областа на урбанистичкото планирање.

Наградата за градежништво ПОРТА 3 2022 година се доделува на СТРАБАГ АГ, подружница СТРАБАГ Скопје

sss

Страбаг е европска технолошка групација за градежни услуги, компанија која е еден од  лидерите во иновациите и ги опфаќаат сите области на градежната индустрија.

Подрожницата на компанијата СТРАБАГ Скопје во Македонија е формирана уште во 2007 година и континуирано работи на изведба и проектирање на градби како државни патишта и автопатишта, придружно услужни објекти на државни патишта утврдени со закон, градби за потребите на државните органи и агенции и фондови основани од РСМ, деловни градби, станбено-деловни градби, градби за потребите на граничните премини. Компанијата во Скопје брои 160 вработени меѓу кои најбројни се градежни инженери.

unnamed-5

Меѓу најзначајни проекти изведени во РСМ се: систем за наводнување во Валандово (Јужна Вардарска долина втора фаза),  градежни работи за обнова и реконструкција на железничката делница Битола – Кременица, како дел од коридор Х, изградба на експресен пат А4 делница Штип – Радовиш прва и втора фаза.

Наградата за екологија ПОРТА 3 2022 година се доделува на Македонското еколошко друштво (МЕД)

med1

Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина. МЕД своите цели и задачи ги остварува преку спроведување и учество на проекти, како и организирање научни и стручни собири.

Како дел од нивната заложба за прогласување на соодветни заштитени подрачја во Македонија во 2022 година продолжија со поддршка на заштитените предели Осоговски Планини и Малешево преку изготвување на планови за управување и поддршка за воспоставувањето на управувачките тела. На Шар Планина го поддржуваат локалното население кое треба да го идентификува своето место во националниот парк.

Продолжуваат да го истражуваат критично загрозениот балкански рис во НП „Маврово“ и оваа година успешно детектираа 21 рис од кои 14 во Маврово и објавија и научни трудови во високо рангирани научни списанија. Кога сме кај загрозените видови, оваа година работеа и на статусот на египетскиот мршојадец, кој најмногу страда од илегално труење. За таа цел соработуваат со сите релевантни институции, а на Факултетот за ветеринарна медицина поддржаа создавање на нови капацитети за токсиколошки анализи. Нивните дополнителни теренски истражувања оваа година покрија водни птици, птици од земјоделските површини, влекачи, лилјаци и крупни ѕверови, и ги завршија истражувањата и на пет ендемски видови растенија.

download-14-2-780x405

Работеа на идентификација на пределите и анализа на различните живеалишта на планината Јабланица како подготовката за валоризација на оваа планина и воспоставување идно заштитено подрачје.

Завршија со идентификација на шумите со високи природни вредности во Македонија и изготвија насоки за управување на две од подрачјата. Нивната посветеност на Преспа и оваа година ги поврза со управувањето на влажните ливади и обновувањето на еловите шуми во Езерани како и поддршката на локалната шумска единица на Ресен.

Работат и на развивање методологија за плаќање на екосистемски услуги за Вевчански Извори. Реализираат и програма за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“, преку која младите имаат прва прилика да осмислат и спроведат независно истражување. Нивниот директен придонес кон науката е објавувањето на македонското научно списание за екологија и животна средина и одржувањето на Шестиот конгрес на еколози на Република Македонија, со меѓународно учество, кое оваа година воедно беше и прослава на педесетгодишнината на МЕД.

Испрати коментар

Scroll To Top