Насловна / Архитектура / Познати добитниците на ГОДИШНАТА НАГРАДА ПОРТА 3 ЗА 2021!

Познати добитниците на ГОДИШНАТА НАГРАДА ПОРТА 3 ЗА 2021!

„Порта 3“ секогаш се обидувала да биде во тек со современите случувања во областите со кои се занимава: архитектура, градежништво и екологија. Од излегување на првиот број и сите овие години се труди да афирмира вистински вредности, да пофали, но и да критикува, и сè тоа објективно преку текстови на Редакцијата и соработниците. После 15 години, интензивно следејќи ги случувањата и активностите на колегите, Редакцијата одлучи да воспостави доделување на три награди во трите области со кои се занимаваме. Оваа година наградата се доделува по трет пат.

Целта ни е сферата која ја покрива наградата да има поширок дијапазон. Тоа подразбира дека наградата може да се додели на поединци, тим, компанија, институција или општествена активност и ангажираност во доменот на проектирањето, изведувањето, публицистичката, истражувачката и научната дејност. Но, исто така сметаме дека е многу важно да имаме универзални критериуми за доделување на наградата со што достојно и стручно ќе се оддаде почит на она што претставува вистинска вредност, вреднување на професионален труд и благодарност до оние кои успеаја со својата работа, доследност и вештина да придонесат за квалитетот на професијата.

За наградата одлучуваше петчлено жири во кое членуваа архитекти, екологист и градежен инженер.

Plaketa Porta 3.cdr

Критериуми за доделување на наградите

Креативен, стручен и интелектуален пристап на архитектурата, градежништвото и екологијата. Квалитетни објекти кои се значајна и впечатлива архитектура, создадени со квалитетни функционални решенија, урбанистички соодветно поставени кои се вклопуваат во околината и придонесуваат за нејзино унапредување, современо архитектонско обликување постигнато со првостепена пластика, комплексни градежни и еколошки зафати и интервенции. Достигнувања во дизајнот, технички и технолошки достигнувања во трите области. Социјална и општествена одговорност во планирањето на просторот – урбанизам, одржливост на околината, амбиентот, научни студии и анализи, ефекти во животната средина, културен идентитет, висок професинален морал.

Комисијата за доделување годишна награда „Порта 3“ од областа архитектура, екологија и градежништво 2020 година работеше во состав:

1. Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, дипл. инж. арх. – главен и одговорен уредник на „Порта 3“

2. Вања Дончева-Рајатоска, дипл. инж. арх. – претседател на Издавачкиот совет на „Порта 3“

3. Натка Ќосева, дипл. инж. арх. – соработник на „Порта 3“

4. доц. д-р Златко Зафировски, дипл. град. инж. – член на Издавачкиот совет на „Порта 3“

5. Катерина Спасовска Трпковска – соработник на „Порта 3“

Наградата за архитектура ПОРТА 3 2021 година му се доделува на архитект Слободан Велевски

Slobodan Velevski_portret 1_resize

Слободан Велевски (1976) е вонреден професор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е дел од Институтот за урбанизам, а заедно со Марија Мано Велевска од 2014 година го раководи и дизајн-студиото Обрасци на раст и раст 2.0 во последниот семестар на студиите. Темите и проектите во ова студио се изработуваат во размерот на архитектонскиот-урбанизам и истите негуваат критичка мисла.

Слободан Велевски дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје (2002), а магистерски студии завршува на Институтот за архитектура во Десау во Германија (2007) со тезата „Градот на отсутна застареност – потврдување на генеричкото искуство на урбаноста на примерот на Скопје“.

Докторирал на тема „Гранични состојби помеѓу идеите и реалноста на современиот град: Од утопијата на посакуваното кон хетеротопијата на хиперреалното“. Дисертацијата ги обработува теоретските концепти на Жак Лакан, Мишел Фуко, Славој Жижек и особено на Фредрик Џејмисон.

Работното искуство го започнува во 2003 година во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје, а потоа од 2005 до 2007 година во престижните архитектонски бироа на Шигеру Бан во Париз (2005), Дејвид Чиперфилд Архитекти во Берлин (2006) и истражувачката лабораторија за „Просторна синтакса“ во Лондон (2007). Во ова време е дел од тимовите кои изработуваат низа проекти и реализации од кои се издвојуваат проектите за новиот Помпиду центар во Мец и стоковната куќа Пик и Клопенбург на улицата „Картнер“ во Виена.

Во 2018 година заедно со Марија Мано Велевска е куратор на изложбата „Ослободување-на-просторот“ со која Македонија се претставува на 16. Архитектонско биенале во Венеција насловено Freespace. Изложбата претставува ансамбл на различни концептуални, социјални, политички и симболички искуства на просторот на градот. Тие беа претставени преку дистинктивни фрагменти на архитектонското и културното наследство на Скопје во отворена и повеќеслојна формација.

Во изминатиот период, самостојно или како коавтор активно учествува во низа истражувачки проекти, научни конференции и семинари, работилници, публикации и архитектонско-урбанистички проекти и конкурси. Како дел од овие активности има публикувано повеќе од 30 текстови во земјата и странство од кои се издвојуваат книгата „Разговори“ и едицијата Раст составена од 8 книги (двете заедно со Марија Мано Велевска).

Слободан Велевски верува дека улогата на архитектот во општеството мора да ги надмине досегашните рамки на делување и дека создавањето современа архитектура е колаборативен процес во кој делото може да биде и вербално и материјално, но дека тоа секогаш мора да се стреми да ги отслика искуствата на мноштвеност и етика. Своите ставови ги изразува јавно, стручно и со интегритет.

Наградата за градежништво ПОРТА 3 2021 година му се доделува на градежен инженер Влатко Шешов

IMG_5009_resize

Влатко Шешов (1969) е директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС, Скопје. Дипломирал во 1993 година на Градежниот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1997 магистрирал, а во 2003 година станува доктор на технички науки на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, ИЗИИС.

Шешов е редовен професор по предметите: Динамика на почви и фундаменти, Геотехничко инженерство, Интеракција почва – конструкција, на магистерски и докторски студии, ИЗИИС.

Неговиот професионален интерес и делување покрај предметите што ги предава се насочени и кон: експериментални истражувања на елемент и 1Г модели, ликвифакција на почви, намалување на сеизмичкиот ризик, сеизмичко микрозонирање во ГИС-околина, дефинирање сеизмички проектни параметри, подигање на информираноста и свесноста кај младите генерации за природни катастрофи.

На Универзитет во Токио, Градежен факултет, геотехничка лабораторија, во 2000 година работи на експериментални тестови во рамките на докторската дисертација. На истиот универзитет од 2003 до 2005 година е поканет истражувач во рамките на програмата JSPS, Јапонска агенција за промоција на науката.

Од 2008 до 2009 година е поканет професор на Рур универзитетот, Градежен факултет во Бохум, Германија, предмет: Земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Во периодот 2013 – 2014 година престојува на Универзитет на Калифорнија, Дејвис, САД. Добитник е на Фулбрајтов грант.

Во 2020 година е поканет професор на Универзитетот на Павиа, Италија. Предавање по предметот Фундирање и потпорни конструкции, магистерска програма.

Учествувал во значајни научноистражувачки меѓународни проекти, меѓу кои: Reduction Of Liquefaction Hazard In Urban Areas – New Developments, 2009 – 2010, Macedonian-Chinese Scientific and Technological Cooperation, (главен истражувач), „Научно базиран пристап за оцена на ризикот од природни катастрофи – ликвифакција“, билатерална соработка меѓу Македонија и Австрија 2018 – 2020; „Со учење до отпорност“, Европската комисија, DG ECHO, 2021 – 2022.

Објавува голем број трудови во списанија со фактор на влијание меѓу кои: Journal of Soil Mechanics and Foundation, Academia Journal of Scientific Research, Journal of the International Consortium on Landslides, Journal of Japanese Geotechnical Society и други. Исто така има голем број публикувани трудови од конференции со меѓународен уредувачки одбор.

Членува во голем број професионални асоцијации. Шешов е национален делегат во Европскиот комитет за стандардизација – Технички комитет CEN/TC 250, за примена на еврокодовите, контакт- лице во програмата Хоризонт Европа 2021 – 2027, постојан претставник во Советот на Европа, во Програмата за големи хазарди – EUR-OPA Major Hazards Agreement.

Наградата за екологија 2021 се доделува на здружението на граѓани „Центар за климатски промени“

4K5A0094_resize

Во областа екологија, овогодишен добитник е здружението на граѓани „Центар за климатски промени“, за формирањето на Платформа 27 која обединува 20 граѓански организации кои работат во областа на заштитата на животната средина, со заедничка цел изработка на Извештај во сенка за состојбите во Македонија во областа животна средина и климатски промени (Поглавје 27 од методологијата за преговори со ЕУ). Ваков извештај се работи за прв пат во Македонија, додека земјите од регионот веќе имаат неколкугодишно искуство. Извештајот во сенка го анализира транспонирањето на законодавството, имплементацијата, ги идентификува слабостите и нуди препораки за подобрување на состојбата во животната средина.

Во услови кога се соочуваме со бројни жешки еколошки точки, слаба имплементација на законодавството, а неретко и прекршувања на законите во оваа област, овој ангажман на Центарот за климатски промени е позитивен исчекор во зајакнување на капацитетите на повеќе граѓански организации од областа на животната средина и нивно позиционирање како активен партнер на надлежните институции во остварувањето на целите за подобра животна средина.

Центарот за климатски промени активно работи веќе 14 години и има свои канцеларии во Скопје, Гевгелија и Охрид. Во текот на годинава што изминува работеше и на повеќе кампањи за подигање на свеста за климатските промени, аерозагадувањето, проекти за утврдување на изворите на загадување во воздухот во урбаните средини, а реализираше и кампања за следење на загадувањето на воздухот во училиштата во општина Карпош. Неодамна ја заврши подготовката на План за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух за Битола.

Испрати коментар

Scroll To Top