Во шумските пожари во Лос Анџелес минатиот месец беа изгубени најмалку 29 човечки животи, беше причинета огромна материјална штета и изгоре површина од илјадници хектари. Се виде дека и покрај бројни планирања за заштита од пожари, населението, па и властите беа едноставно неподготвени.
Глобалното затоплување, само го зголеми ризикот од шумски пожари кои во поново време горат побрзо и потешко се контролираат. Бројни жители ги нарекоа – нов ѕвер, или попрецизно, тоа е ѕвер којшто постоел, а мислеле дека го контролираат. Она што се случи во Калифорнија беше во подготовка речиси една година, кога Сојузната Држава ја погодија низа атмосферски дождови. Тоа го направи февруари највлажниот месец во Лос Анџелес последниве 26 години. Ова доведе до таканаречена пролетна експлозија, забрзан раст на вегетацијата, тревата и особено на препознатливите џбунови по планините коишто го опкружуваат градот. Веднаш потоа следуваа летните горештини – јули важеше за најтоплиот месец во Калифорнија досега. Сè што беше и онака суво, се досуши и се претвори во своевидно гориво што само чекаше да се запали. Дополнително, особено последниве пет години, областа претрпе периоди коишто се движеа меѓу невообичаена влага и очајна суша. Ризикот од разорен пожар стана уште поголем со пристигнувањето на силните ветришта Санта Ана, коишто го разнесоа топлиот, сув воздух по крајбрежните планини со брзина до 160 километри на час. (Ветриштата Санта Ана, коишто се најчести од септември до мај, обично дуваат од внатрешните пустини на јужна Калифорнија кон брегот).
Бројни истражувања покажуваат дека како што се загрева Земјината топка, така условите кои придонесоа за катастрофата како оваа, се очекува да станат сè почести.
Според најновите анализи, осцилациите помеѓу екстремните врнежи и сушата, од средината на 1990-тите години наваму, се зголемиле за 31 до 66 отсто низ целиот свет.
Кога домовите стануваат гориво
Иако променливото природно опкружување несомнено го поттикна почетното забрзување на пожарите, се чини дека човечкиот фактор е тој коишто ги претвори во урбана огнена стихија, велат експертите.
Како што е и случај со приближно половина од домовите во Калифорнија, многу делови од областа Алтадена се наоѓаат во она што е познато како урбан интерфејс на дивината, каде на некој начин, човечкиот развој им се спротивставува на екосистемите. Најзагрозени се домовите на најсеверниот дел на Лос Анџелес, бидејќи се блиску до тревните падини и кањоните покриени со џбунови. Вегетацијата, топографијата и другите фактори ја зголемуваат веројатноста дека областите би можеле да изгорат во рок од 50 години.
Калифорнија има направено повеќе за справување со ризикот од пожари во урбаните средини од која било друга Американска Сојузна Држава. Само изминативе десет години донесе голем број регулативи коишто наложуваат домовите во зони со голема опасност да се градат на поотпорен начин – покривите и надворешните ѕидови треба да бидат од незапалив материјал, олуците да се исчистат од какви било остатоци, а надворешната фасада да нема никаква пукнатина или празнина.
Бројни студии покажуваат дека токму овие мерки можат драматично да го намалат ризикот од пожар во домовите.
Сепак, конкретно во Алтадена само неколку куќи ја обезбедиле оваа заштита. Повеќето од новите прописи се применуваат само за време на изградба и големи реновации, а поголем дел од овие куќи се изградени долго пред правилата да стапат на сила.
Фактот дека пожарот допре толку длабоко во област што се сметаше за безбедна, само укажува на недостатоците во разбирањето на ризиците од пожарите. Официјалните проценки на опасност обично се засноваат на модели кои симулираат како пожарите би можеле да се однесуваат врз основа на вегетацијата, топографијата и временските услови на областа, но тие не секогаш го земаат предвид начинот на кој пожарот може да се шири од куќа до куќа. Она што се случи во Алтадена, кога куќите паѓаа како домино коцки, може да биде предвесник за безброј други делови на Калифорнија, велат експертите. Штом пожар од вакви размери ќе се инфилтрира во урбана област, чуда се можни, но сепак се ретки.
Ќе се случи повторно
Заштитните мерки што модерните општества ги усвоија во пресрет на катастрофите од пред десетици, па и стотици години – стандарди за материјали, системи за прскалки, градежни кодови – не секогаш функционираат против денешните шумски пожари, главно заради глобалното затоплување.
Се стравува дека системите за одговор на пожари не се конфигурирани да се справат со ситуации од вакви размери, а условите станаа толку нестабилни што сценариото е речиси сигурно.
И жителите на Алтадена се прашуваат дали нивната заедница некогаш може да биде безбедна. Алтадена секогаш ќе биде во подножјето на планините Сан Габриел и секогаш ќе има ветришта Санта Ана. Доколку во меѓувреме нема драстични промени, кризата само ќе се влошува и само прашање на време е кога повторно ќе се случи.
Зошто Лос Анџелес беше неподготвен?
Лос Анџелес е најголемиот град во Калифорнија, а Сојузната Држава веќе со години се усовршува за подобро да се справи со реалноста од шумски пожари. Но, се покажа дека овојпат не успеа во тоа. Регулативите наложуваа жителите во населбите со висок ризик околу нивните домови да создадат тампон без вегетација. Калифорнија инвестираше милијарди долари за да го намали обемот на суви растенија и дрвја. Калифорнија исто така можеше да се пофали со најголемата противпожарна сила во цела Америка. Сепак, за само неколку дена, изгубените човечки животи и до темел изгорените куќи и знаменитости, се само потврда дека одговор на прашањето и натаму нема.
Експертите наведуваат неколку клучни фактори – климатските промени, ексурбанизацијата, отпорот за расчистување на вегетацијата околу домовите и водоводниот систем што не е дизајниран да се бори со повеќе големи пожари истовремено.
Ризик од урбанизација
Неправилностите во планирањето веќе подолго време причинуваат главоболка за јужниот дел на Калифорнија. Двете општини најпогодени од последните шумски пожари, Алтадена и Палисадес, се изградени пред неколку децении во подножјето на планините каде често има пожари. Карактеристични се со помали куќи, наредени на тесни, кривулести улици, што придонесува за речиси невозможна заштита и уште потешка евакуација.
Некои од домовите се наоѓаат високо на карпите или на стрмни кањони. Се чини дека куќите се совршено усогласени со насоката на ветриштата Санта Ана и сега, откако е сè изградено, очигледно е доцна да се исцртуваат нови планови. Притоа, речиси 90 отсто од резиденцијалните области во овој дел на Калифорнија биле изградени пред 1990 година или пред да стапат на сила многу регулативи и градежни кодови за опасност од шумски пожари.
Одржувањето на тревата и на грмушките на овие ридови е физички невозможно. Дополнителен проблем е што предупредувањата за расчистување на вегетацијата околу домовите се игнорираат. Надлежните бараат одржување на таканаречен бришан простор околу куќите со периметар од еден и пол метар, но локалното население не е целосно свесно за опасностите од непридржување кон правилата. Секако, има исклучоци, но овие жители потоа се жалат дека иако чистат, доколку куќата е близу до тешко пристапен кањон, на пример, надежта дека нешто ќе се спаси исчезнува.
Калифорнија не може да чека
Иако климатските промени придонесуваат за подеструктивни шумски пожари, има уште еден фактор – преку 100 години федералните политики се стриктни во барањата за гаснење на сите пожари, дури и на најмалите, што придонесе за наталожување на мртва вегетација. Веќе одамна тој пристап не е прифатлив и на федерално и на локално ниво и наместо тоа, за да се исчистат сувите остатоци, се применува техниката на разредување и намерно палење. Проблемот овде е што ваквите операции се најчесто скапи и нема доволно фондови за нивно одржување. Локалните власти велат дека Калифорнија нема време да чека федерална помош, така што ги организира овие активности на најдобар можен начин.
Нема доволно вода
Водоводниот систем на Лос Анџелес никогаш не бил проектиран за да може да се справи со шумски пожари од вакви размери. Доколку избувнат неколку пожари истовремено, градот се блокира. Доказ беа последните пожари кога имало проблеми во координацијата меѓу резервоарите за вода и пумпите. Системот е функционален за заштита на неколку куќи, но не и за цели соседства.
Зошто одредени куќи преживеале?
Без разлика дали заради проектот или сосема случајно, некои домови имале структурни предности што им помогнале да опстанат. Во некои случаи, биле изградени со незапаливи материјали, како штуко, цигли или цемент, долго време пред градежните кодови на Калифорнија да ги сметаат шумските пожари како опасност. Во други случаи, како подготовка од заканата, сопствениците ги надградувале своите домови и ја расчистувале вегетацијата околу нов.
Tаканаречени чуда се можни, но потребно е темелно планирање. Еден таков пример е куќа со двокрилни прозорци направени од термички обработено стакло. Покривот е изработен од огноотпорен материјал и е наведнат, што помага за полесно лизгање на жарта надолу. Гаражната врата е беспрекорно херметички затворена. Како и останатиот дел од структурата, натстрешниците се обложени со незапаливo штуко – гипсен материјал направен од цемент, песок и вар. Изложените стреи се ранливи на директен контакт со пламен и жар што се собира во празнините и во пукнатините. Од задната страна на дворот е подигнат ѕид како превенција од прелевање на пожарот од соседната куќа. Воедно, метални капаци ги штитат дрвените греди надвиснати на балконот од цемент, спречувајќи палење на жарта. Околу куќата не постои никаква вегетација. Сепак, иако однадвор изгледа како недопрена од никаков пожар, вистинската штета е невидлива и главно се должи на чадот. Сопственикот најави дека ќе биде потребно подолго време пред животот да може да се врати во некаква нормала. Во меѓувреме, семејството размислува за дополнителни чекори на заштита, како алуминиумски прозорци или продолжување на ѕидот од сите страни.
Генерално, покривите на куќите се „најкритична компонента“, велат стручните лица. Покривите најподложни на оган, како што се оние со дрвена конструкција и ќерамиди, се ретки. Во поновите населби, покривите обично се направени од огноотпорни материјали, како што се бетонски и глинени плочи, асфалтни ќерамиди или метал. Поголемиот дел од домовите во Алтадена што преживеале, имале токму покриви од оваа – прва класа. Друг важен фактор се долните 15-тина сантиметри од фасадата на куќата. Овој дел треба да биде беспрекорно третиран бидејќи само една мала пукнатина може да биде погубна.
Како Гети музејот ги преживеа пожарите?
Сè е до проектот на оваа модернистичка зграда. Центарот, кој располага со огромна уметничка колекција, на својата веб-страница е опишан како „инженерско чудо против пожари“. Вилата, која се фокусира на античката грчка и римска уметност, има и добро прилагоден протокол против пожар.
Гети е дизајниран од архитектот Ричард Мејер, вреден е 1,3 милијарди долари, и е отворен за јавноста во 1997 година. По пожарите, само се потврди фактот дека е воедно пример, како милионите долари инвестирани во превенција, сега се исплаќаат.
Лоциран високо на рид, кампусот има огромни површини направени од огноотпорен травертин увезен од Италија. Отворените простори се опкружени со импозантно издигнати згради чии ѕидови се изградени од армиран бетон или од огноотпорен челик. Покривите се обвиени со камен агрегат, којшто е исто така огноотпорен. Внатре, зградите се опремени со специјални врати кои го спречуваат движењето на пламенот. Температурата и влажноста на воздухот внимателно се следат за време на предупредувањата.
Екстериерот е прецизно уреден и одржуван – редовно наводнуван и чистен од сува трева и од грмушки. Вработените со право го нарекуваат – замок.
Иако музејот потенцира дека не најмува приватни пожарникари во случај на криза, важно е да се нагласи дека поседува свои резервоари за вода и ги одржува во текот на цела година.
Потреба од подигање на свеста
Научните истражувања за превенција од ширење на шумските пожари во урбаните центри, се релативно нови, а бројни градови во Калифорнија дури сега почнуваат сериозно да ги земаат предвид пропишаните стандарди. Да се заштити само една куќа може да има умерен ефект, но ако тоа се стори за сите куќи во една општина, има шанси штетата да се намали за половина. Девет од десет куќи конкретно од пожарот Итон биле изградени пред 1970 година, пред Калифорнија да ги усвои новите градежни стандарди во 2008 за заштита од шумски пожари.
Регулативите постојат, но имплементацијата е во задоцнета фаза и во меѓувреме, особено додека Земјата само дополнително ќе се загрева, останува на жителите поединечно да ја зголемат свеста за оваа опасност и да обезбедат подобри услови за живот.
Директната причина за пожарите во Лос Анџелес сè уште не е утврдена, но стихијата во Палисадес можеби била предизвикана од повторно разгорување на претходен пожар.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)