Голем пожар ноќеска го проголта 200 години стариот Национален музеј во Рио де Жанеиро. Ценета установа која чуваше експонати на египетската, старогрчката и римската уметност, како и некои од првите фосили пронајдени во Бразил, пренесува АП.
Пожарот избувнал ноќеска во 19:30 часот, додека музејот бил затворен.
Потпаролот на противпожарната служба Роберто Робадеј изјави дека интервенцијата на пожарникарите започнала побавно од што било потребно, бидејќи двата најблиски хидранта до музејот не работеле, па камионите се упатиле до најблиското езеро за одтаму да донесат вода.
Робадеј додава дека и покрај тоа пожарникарите успеале да спасат некои од музејските експонати.
„Со помош на вработените успеавме од музејот да изнесеме многу работи“ изјави Робадеј за „Глобо њуз”.
Пожарникарите до полноќ успеале да го стават пожарот под контрола. Тие воделе битка со времето за да спасат вредни музејски експонати, а од музјеот е соопштено дека никој не е повреден.
Засега не е позната причината за пожарот.
Претседателот на Бразил, Мишел Темер, изјави: „Две стотини години работа, изтражување и знаење е изгубено. Ова е тажен ден за сите Бразилци“.