На 22 март 2017 година Советот на Општина Центар ја одржа седницата која беше прекината на 7 јуни 2013 година од толпа демонстранти која сакаше насилно да влезе во општината. На таа седница беше донесена одлука за поништување на четири урбанистички планови од центарот на Скопје, вклучувајќи го и ДУП „Мал Ринг“.
Со оваа одлука стануваа спорни објектите Панорамското тркало, надградбата на објектот на Министерството за транспорт и врски, надземната улица на Кејот „13 Ноември“, деловниот објект на плоштадот „Македонија“ на просторот помеѓу „Сити Галери“ и „Пелистер“. Тогаш од Општина Центар објаснија дека локалната самоуправа може во било кој момент да поништи одреден урбанистички план, особено ако станува збор за земјиште во сопственост на државата и објекти од јавен карактер. Но на вчерашната седница на Уставниот суд оваа одлука на општината ја поништи. Ова значи дека уставните судии го вратија на сила ДУП „Мал Ринг“ од 2012 година, со кој се имплементираше контроверзниот проект „Скопје 2014“.
Уставниот суд со одлуката ги врати на сила и старите урбанистички планови за Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Голем Ринг – Јужен дел – Исток и Централно зеленило покрај река Вардар – јужен дел. Враќањето на усвоените урбанистички планови од времето на ВМРО-ДПМНЕ тие го објаснуваат со фактот дека единствено Уставниот суд може да поништува и да укинува детални урбанистички планови. Судиите во своето образложение посочуваат дека општините имаат овластувања да донесуваат урбанистички планови, а доколку сметаат дека некои од нив не се во ред, тогаш општинските власти можат да ги менуваат ДУП-овите.