Првата книга на архитектот и професор Богдан Богдановиќ (1922 – 2010) „Мал урбанизам“ објавена е во 1958 година од сараевската издавачка куќа „Народна просвјета“. Уредници биле: д-р Вељко Кораќ од Белград, д-р Руди Супек од Загреб и д-р Андрија Крешиќ од Сараево. Неодамна повторно е објавена од издавачката куќа „Градац“ од Чачак, во едицијата Алеф, во многу мал тираж од 200 примероци. Уредник е Бранко Кукиќ.
Кога книга објавена пред речиси 70 години повторно се печати, тоа значи дека таа е актуелна и денес. Богдан Богдановиќ, enfant terrible на архитектура, беше широко образован, елоквентен, одличен есеист, аналитичар и раскажувач. За архитектура пишувал за Борба, Политика, НИН и Књижевне новине.
Во предговорот на авторот од тоа време читаме: „Повеќето од собраните текстови во оваа книга беа објавени во весникот ‘Борба’, кој имаше постојана неделна колумна под наслов ‘Мал урбанизам’. Покрај овие, додадени се неколку текстови што може да се припојат на оваа серија по тема и карактер“.
Прва во низата од триесетина книги
Какво било тоа време? Од крајот на војната поминале десетина години, земјата сè уште била во урнатини, се градело забрзано. Богдановиќ има 37 години и веќе изведен Споменик на еврејските жртви на фашизмот во Белград (1951–1952), станбениот комплекс на Хидротехничкиот институт на Авала (1952–1953) и Спомен гробиштата на жртвите на фашизмот во Сремска Митровица (1959-1960).
Спомен гробиштата на жртвите на фашизмот во Сремска Митровица (1959-1960)
Ова е негова прва во низата од триесетина книги. Последната е објавена во 2009 година. Пишувал за архитектурата, политиката, општеството, за световите што ги создал за да може да го поднесе оној во кој живеел.
За него, исклучиво рационалниот инженерски канон секогаш бил премногу тесен. Сметал дека за добрата архитектура, како и урбанизам, потребно е разновидно познавање на хуманистичките науки, дека архитектот мора да биде и филозоф и мора да размислува како луѓето ќе живеат во градот, како ќе го разберат, чуваат и потоа сакаат.
Овие текстови се пишувани за широка публика. За да и ја доближи архитектурата, да ја направи интересна и да се обрне внимание на навидум мали, но важни работи. Оттука и мал урбанизам – термин кој Богдановиќ го формулирал и оттогаш го користел.
Детално го објаснил, од италијанското име за непризнаена архитектура – archittetura minore: „Цели стари градови останувале осиромашени кога оваа архитектура им била уништена или потисната. Тоа е еден вид ‘хорска’ архитектура, збирка на форми и нешта, не многу значајни сами по себе, ако го земеме секо нешто и го мериме засебно, но кои сепак се групираат во заносни целини“.
Пишувал и дека големиот урбанизам се мисли преку шеми и големи потези, дека со нив се одредуваат работите на долг рок, што често го надминува човковиот век. Покрај сето тоа, говорел, потребен е мал урбанизам, како зачин, фин вез за се што го сочинува животот и внесува живост и боја во градот.
За мајсториите и мајсторите на малиот урбанизам
За што се овие текстови? За мајсториите и мајсторите на малиот урбанизам, за белградското езеро и белградските води, за белезите, антикварниците и неонот што штотуку почна да се појавува на улиците.
Богдановиќ пишува за тремови, ѕидови и градини, за детали на улица, за каменот и за радоста на животот. Но и за тоа дека мора да има квалитетна боја на фасадите, дека улиците и аглите мора да бидат чисти, дека градот мора да се сака и да се разбере ако се занимавате со него, дека мора да се одржува и негува, дека пешаците во градот се исто толку важни како продавниците и ноќните светла.
Пишува за архитектите, поетите и уметниците. Зборува и за размерите на градовите, мали и големи, за тоа како да се зачува старото и да се изгради новото, како и дека сонцето, водата, чистиот воздух и добрата вентилација се круцијални за доброто на градот. Кога сето тоа ќе се склопи, добивате град по мерка на човекот.
Во тие кратки текстови тој реагира на груби имиња, пишува за симболи, ги едуцира читателите, им ги проширува видиците, посочува на детали, зборува за она што го нема, а би можело да биде, како и за она што е грубо или штетно. Сето тоа се поучни приказни, поетски изразени, но да не се залажуваме, тука ништо не е ни површно ни едноставно.
Глeдајќи го Скопје не е лошо да си ја купиме и прочитаме кнгата, особено планерите.