Насловна / Вести / Повеќедецениската потрага по нова урбана парадигма, која ќе ги усогласи општествените и пазарните вредности

Повеќедецениската потрага по нова урбана парадигма, која ќе ги усогласи општествените и пазарните вредности

Урбанистичките планови претставуваат карика во системот на просторно планирање, кој, пак, е составен дел на целокупниот систем на општествено планирање. Тој единствен систем на планови треба да ги проектира основните општествени определби во времето и просторот.

Изработката на Генералниот урбанистички план (ГУП) на Скопје е во тек, барем така ни велат, и ГУП-от е тој кој треба да го определи стратешкиот развој на градот, да ги согледа проблемите, да ги избалансира можностите и да ги определи главните насоки за идниот раст и развој.

p1

Кај генералните урбанистички планови (ГУП), најпрво се утврдува збирот на потреби на современиот начин на живеење во град, кој потоа се преточува во збир на градски активности, подредени според интензитетот на секоја потреба. Кога таков подреден сет на активности ќе се спореди со расположливиот простор, се добиваат расположливи квоти за простор за секоја активност. Ваквите квоти, по правило, не отстапуваат многу од искуствено утврдените урбанистички нормативи и потоа преостанува главната планерска задача – да се пронајде оптимален распоред на градските активности, најефикасно искористување на градскиот простор.

Процесот е долгорочен, планирањето на град не е мандатна работа, а здраво и неопходно е политичките елити да се одвојат од професионалните и им дозволат автономија. Меѓутоа, во реалноста во Скопје, ова идеализирано функционирање на целиот механизам не се случува, па така врската помеѓу просторни, и планови за општествено – економски развој е само формална.

p6

Среќните градови се гордеат со својата архитектура, амбиент, со своите паркови, со заштита и управување на животна средина. Мојот град Скопје имаше со што да се гордее, а најдобро беше што навистина комотно се живееше. Никогаш не бил од најсреќните градови, но беше радосен, проблеми имало секогаш, што од оние што му се случувале од историски превирања, катастрофален земјотрес, до оние кои највеќе болат, што му ги направивме сами, водени исклучиво од профит и личен интерес.

Во градовите се вградени вредностите и нормите на општеството кое тие градови ги обликувало. Изградбата на градот никогаш не престанува, градовите не се „завршени“ еднаш засекогаш.

Градот не може да биде приватно добро

А како и секој град и Скопје има бројни карактеристики, содржи бројни артефакти и материјални и нематеријални вредности, има своја историја и историски слоеви, особености што го прават различен од другите гарадови, и што декларативно сите го знаеме, но мора да повторуваме – им припаѓа на сите граѓани и на сите идни генерации. Затоа градот не може да биде приватно добро и покрај тоа што многу артефакти во градскиот простор се во приватна сопственост.

Законот за урбанистичко планирање вели дека го штити јавниот интерес. Јавниот интерес е темелниот концепт на современите европски градови. Со негова заштита се штитат легитимните интереси на граѓаните, се обезбедува квалитет на живот, безбедност, се штити вредноста и квалитетот на недвижниот имот, амбиенталните особености.

p7

Урбанистичка норма е начин да се обезбедат правила на изградба и користење на просторот

Урбанистичката норма е еден од (најважните) механизми за дефинирање и зачувување на јавните добра (статусот и заштитата на културните вредности, статусот на јавните површини, висината и хоризонталната регулација на изградената средина, комуналната опременост, односот кон природната средина, начинот на користење и на јавните и на приватните површини, пешачки зони и плоштади итн).

Воспоставувањето урбанистичка норма е начин да се обезбедат правила на изградба и користење на просторот во градот, да се предупредат произволноста и самоволието на оние кои имаат овластување и моќ да носат одлуки, а и планерите, да се стават во рамка во која треба да интервенираат. Не постои единствена урбанистичка норма и не може секаде да се применува планирањето на ист начин, постојат различни специфичности, потреби, но затоа постојат културни и цивилизациски придобивки во кои се формираат и развиваат населбите.

Скопје со децении се соочуваат со колапс на урбаноста, со демонтирање на урбаното наследство кое се формираше полека, болно и тегобно.

p3

Моменталната состојба во градот покажува многу негативности како резултат на неадекватен систем на управување, недоволни вложувања, лоши планови и нивно непочитување како и на сите закони кои ги следат. Констатно се одлагаат капитални санации и реконструкции, голем број објекти имаат проблем со запуштеност, застарени инсталации, прокиснување. Овие објекти најголем дел се станбени и се со најголемо учество во вкупниот станбен фонд со што имаат големо влијание на општиот квалитет и стандард на домувањето. Отстранувањето на последиците од неодржувањето изискува големи материјални средства, кои во склад со законот, треба да ги обезбедат сопствениците на становите. Овде не станува збор само за материјалните можности, туку и за волјата. Инертноста е предизвикана и со фактот дека голем процент од становите се откупени во процесот на приватизација, по ниски и непазарни цени, несфаќајки дека поимот соспственост не подрзбира само права, туку и обврски.

Ситуација во Скопје покажува и дека инвеститорот е неограничен во своите апетити и дека може самостојно да носи одлуки, и дека своите апетити може да ги реализира без оглед на тоа дали се вклопува поединечен објект или амбиент во вистинскиот интерес на градот. Новите објекти главно се станбени и понекој трговски центатар, јавните објект го носат бремето на Скопје 2014. Бидејќи преовладува станбена изградба која ги окупира сите празни простори, со мал дел на исклучоци, сликата е конфекциска и профитерска. Стално велам дека социјализмот не размази со квалитетни станови и нивна функција, на кои можат да ни позавидат многу поразвиени земји. Во голем обем новите становите се под секое ниво на функционалност и под дострелите постигнати од претходните генерации.

p2

Кој е без квадратен метар на диво, прв нека фрли камен

Во Скопје се случува и масовна узурпација на простор на сите нивоа, доградување, надградување, чудотворни пренамени, e тогаш волјата е нездржлива, а ефикасноста исклучителна. Дивата градба слободно може да стане симбол на планирањето во земјава и нејзиниот развој. И наместо државата да интервенира и да ги сруши, еден дожлив ден во февруари 2011 година, решава да се справи со дивите градби и носи Закон за постапување со бесправно изградени објекти.  Наместо државата да санкционира крадење за што и кривично се одговара, со овој закон ги оштетува сите граѓани кои на легален начин со плаќање на сите пропишани давачки, изградиле куќа или купиле стан, а ги привилегира сите оние што нелегално изградиле, со што одземале и простор и средства од државата и граѓаните.

Дивите градби затвараат кровни прозори кои се противпожарен пропис и служат за одчадување на влезот, затвараат ПП мостови на кров за премин од еден во друг влез во случај на пожар, затвараат пасажи, помошни излези, скали за евакуација, пристапи за амбулантни и пожарни возила, итн. . Единствен документ во процесот на легализација како дел од проектна документација кој треба да се приложи е геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба.

p5

Законот само придонесе дивата градба да земе замав, му нанесе огромна штета на просторот, државата за жал го изгуби украдениот простор за сите времиња. Од стручен аспект, не постои легализација, постои само урбанизација.

Од ИЗИИС, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, повеќе пати алармираа дека за овие легализирани објекти, надградби, доградби не постои никаков податок за тоа како се проектирани, а уште помалку како се изведени. Никој не знае дали ја обезбедуваат бараната сигурност и стабилност согласно техничките прописи и норми. Токму овие објекти се најризични при земјотреси.

Граѓаните се жалат на алчноста, „военото профитерство“ на инвеститорите, узурпацијата на просторот, спрегата на власта, планерите и инвеститорите, но не се загледуваат во себе. Секој граба она што може, разликата е само колку и од која позиција. Кој е без квадратен метар на диво, прв нека фрли камен.

p4

Кризата на доверба во планирањето е интензивно присутна во општеството

Во Скопје, врската помеѓу урбанизмот и јавниот интерсе е прекината. Важните одлуки кои имаа директно влијание за уредувањето и користењето на урбаниот простор не се водат од јавен интерес, туку се дефинирани на начин што првенствено задоволуваат цели и очекувања на различни интересни групи. Со други зборови, просторот за институционално делување на општествено одговорниот планер е укинат, а неговото знаење е прогласено за непотребно и застарено. Кризата на доверба во планирањето е интензивно присутна во општеството. Постои недоверба во институциите за планирање и сомнеж дека планерите кои работат под нивно покровителство имаат професионален став и поседуваат личен интегритет кога одговараат на барањата на политиката во комбинација со големиот (и мал) капитал, што дополнително го слабее интересот и довербата на јавноста за урбанистичко планирање.

Секако дека приватни инвеститори се потребни во просторното планирање и можат и треба да овозможат и јавен интерес. Инвеститорите би требало да дојдат на веќе припремен, истражен терен, а власта би требало да им понуди различни локации кои се однапред проучени и назначени како приоритетни. Значи урбанизмот е тој кој ги одредува големината на инвестицијата, каде, колку и зошто, а не обратно.

Во повеќедецениската потрага по нова урбана парадигма, која ќе ги усогласи општествените и пазарните вредности, општите и индивидуалните интереси, улогата на планерите исто така мора да се прилагоди на новите околности. Но токму околностите многу лесно ги турнаа планерите во насока во која се избегнува стручното мислење воопшто да се искаже – туку се замени само со цитирање на закони, формални надлежности и аргументи, како сигурна потпора, што во догледна иднина ќе го направи планирањето непотребно.

Па така, одговорот на прашањето дали неискористениот градски простор ќе стане јавен или „приватен“ во моментов зависи од финансискиот и репрезентативниот потенцијал на тој простор, односно од интересите на моќните чинители. Доминацијата на приватниот над јавниот интерес, институционализацијата на професијата и инвеститорскиот урбанизм доведоа до тоа професијата урбанистичко планирање да биде сведена на улога на техничка и формална потврда на одлуките донесени на повисоките нивоа и за туѓи интереси и профити.

*Со овој текст, „Порта3“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

p0

Испрати коментар

Scroll To Top