Заштита од топлина, почист воздух, подобро дишење, поздрав сон, ослободување од стрес, превенција од голем број болести и одбрана од депресија – дрвјата и зеленилото нудат голем број здравствени придобивки.
Дрвјата, се разбира, ги разубавуваат урбаните населби и им помагаат на жителите да се чувствуваат подобро. Меѓутоа, не се работи само за естетика. Експертите тврдат дека со инвестирање во садење дрвја, се инвестира и во здравјето.
Најпрво, дрвјата ги ладат и ги освежуваат урбаните места, во топлите денови. Роб Мекдоналд, водечки научник за истражување градови во организацијата „Nature Conservancy“, вели дека просечното намалување на температурата во делови од градот каде што има дрвја е два степени во текот на летото.
Во топлотните бранови, додава тој, ова може да биде многу важно за луѓето, особено постарите лица, кои се изложени на поголем ризик од топлотен удар.
Дрвјата на свој начин „се борат“ против загадувањето на воздухот
Дрвјата со големи лисја имаат поголема површина со која филтрираат штетни честички од воздухот, вели Мекдоналдс и додава дека брестот е особено ефикасен.
Дрвјата што имаат „влакнести“ лисја се уште покорисни бидејќи на нив „се лепат“ штетни материи.
Дрвјата и зеленилото можат да го продолжат животот. Во големата студија која следела скоро 110.000 жени во текот на осум години, објавена во април во списанието Environmental Health Perspectives, истражувачите од Харвард откриле дека жените кои живеат во области богати со зелена боја имаат 12 отсто помала стапка на смртност од ненадејна смрт, во споредба со жените опкружени со помалку вегетација.
Иако причината и ефектот не се утврдени, најсилните врски се кај намалувањето на стапката на смртност од респираторни заболувања и рак.
Биле користени сателитски снимки за одредување присуството на сезонско зеленило во радиус од 250 метри околу адресата на секој учесник во студијата.
Зеленилото или вегетацијата не биле ограничени само на дрвјата, вели авторот на студијата Питер Џејмс, научен соработник на Одделот за епидемиологија на Харвард.
„Зеленото опкружување кое го зедовме предвид вклучува се што врши фотосинтеза – дрвја, трева, грмушки, плевел. Не станува збор само за уредени дрвореди и тревници“, додаде Џејмс.
Дрвјата можат да ги олеснат состојбите на депресија и стрес. Во студија од Харвард, менталното здравје било клучен фактор кој ја поврзувал густината на вегетацијата со намалување на ризикот од смрт, вели Џејмс.
Зеленото опкружување има тенденција да ја зголеми желбата за физичка активност и социјална поврзаност, со што се намалува депресијата.
Кога бројот на стебла во околината се намалува
Губењето на дрвјата не е секогаш феномен предизвикан од човечка активност. Штетниците и заразните болести можат да нападнат површини под стебла и цели шуми. Во секој случај, студиите покажуваат дека помал број дрвја во околината можат да влијаат на поголем број луѓе кои страдаат од срцеви заболувања и болести на органите за дишење.
Дрвјата исто така можат да влијаат на напади на астма. Пред неколку години, стратешки поставените сензори го мереа нивото на азот диоксид во речиси 150 населби во Портланд, во Орегон.
Како еден од штетните гасови од возилата, индустриските и други процеси, азот диоксидот е всушност голем дел од смогот и е еден од шесте водечки загадувачи на воздухот.
Во студија спроведена на Државниот универзитет во Портланд, површина на земјиште под дрвја имала значително влијание врз нивото на азот диоксид и респираторното здравје на жителите по области.
На пример, во области со поголем процент на територии под дрвја, се проценува дека децата помалку изостануваат од училиште поради намалување на нападите на астма.
Посетите на брза помош поради астма годишно се намалени, во просек, по 54 по лице, а престојот во болница кај постари лица намален е за околу 46 престои, се вели во студијата објавена во ноември 2014 година во списанието Journal Pollution Environmental.
Дрвјата поддржуваат квалитетен сон. Во обемна национална студија која опфаќала повеќе од 255.000 возрасни испитаници, истражувачите го испитале влијанието на природната средина врз спиењето.
Близината до брегот или до водени површини, температурата на околината, топлината, влажноста и изложеноста на светлина беа земени предвид во студија објавена во изданието Preventive Medicine 2015. Заклучено е дека зеленилото, само по себе, ги штити мажите од сите возрасти и постарите возрасни лица од проблеми со несоница.