Повеќе од 110 дена нема дожд на северот на Италија, а овогодинешните снежни врнежи се многу намалени.
Недостигот на вода во централното подрачје на Торино доведе до ситуација реката По речиси целосно да пресуши.
Недостигот од вода не го ублажија ниту слабите пролетни дождови. По константен период на суша, реката По и нејзиниот слив сега имаат проток на вода половина помал од нормалниот.
Сушата не е невообичаена појава, но зачестеноста со која се повторува во последните години станува загрижувачка и поради влијанието што го има врз животните, флората и земјоделството.
Нивото на водатаи и на другите реки што се протегаат во централна Италија исто така беше многу пониско од вообичаеното во овој период од годината, заклучија експертите.
Нивото на водата на римската река Тибар е толку ниско што станаа видливи остатоците од мостот изграден во времето на римскиот император Нерон. Остатоците од античкиот мост, кои обично се покриени, сега можат да се видат под мостот Виторио Емануеле во Рим.
Во регионите на северна Италија постои голем ризик од губење на речиси половина од земјоделското производство поради сушата.
Надлежните постојано го следат текот на реките, но постои многу мала надеж дека времето ќе помогне.
Јунските дождови беа екстремни, но многу локализирани и не беа апсорбирани од копното, па не стигнаа до По и нејзините притоки.