Насловна / Хортикултура / Повеќе од 100 години во цвет

Повеќе од 100 години во цвет

sto-godini-cvet-thumb.jpg

Во период кога обврските кон градината се сведени на минимум, "Порта 3" ќе ви претстави една од најграндиозните и најубави градини во светот, со цел да ви ја разбиеме монотонијата и да ви ги оттргнеме мислите од студено време. Верувам дека честопати сте ја сретнувале сликата "Сункен градина" на голем број интернет сајтови, списанија и телевизиски програми. 
Сте се прашале која е оваа градина и каде се наоѓа? На површина од неверојатни 22,3 хектари на островот Ванкувер во Канада, се наоѓаат светски познатите Градини Бучарт. 

ИСТОРИЈА На почетокот од ХХ век, цементниот магнат Роберт Пим Бучарт го основал својот бизнис во близина на богатиот варовнички рудник "Тод Инлет" на островот Ванкувер, и таму во 1904 година со својата фамилија го изградил својот дом. Во 1907 година, во тоа време познатиот јапонски дизајнер Исабуро Кишида ја изградил прекрасната градина за чај "Џорџ парк" во Викторија. Оваа градина претставувала атракција и право место за уживање меѓу тамошното население, а голем број на видни жители меѓу кои и Џени Бучарт (сопруга на Роберт Бучарт) побарале од Кишида да им изгради јапонска градина на нивните имоти. 

sto-godini-cvet-1.jpg

Така во 1909 година, Џени заедно со Кишида ја проектирале градината "Сункен" во близина на домот на Бучартови, на површината каде што се наоѓал веќе исцрпениот каменолом. Таа била комплетно изградена во 1921 година. Роберт, нејзиниот сопруг, исто така се приклучил во разубавувањето на градината. Имено, тој бил познат како голем љубител на птици, па своето хоби го пренел во градината, изработувајќи проект за поставување на куќички за птици, кои ги донел од најразлични страни на светот. Подоцна, Бучартови својот дом го нарекле "Benvenuto" ("Добредојдовте"). Градината почнала своите први посетители да ги прима во 1926 година. Во тоа време, градината била многу популарна, па имала и по 50.000 посетители годишно. Со текот на времето, градината се надоградувала и се проширувала. Така во 1926 година, тениските терени ги замениле со италијанска градина, а зеленчуковата градина ја замениле со голема градина од рози. Во 1953 година, километри од подземна инсталација е поставена со цел да се обезбеди ноќно осветлување по повод 50- годишнината од градините. 

ДЕНЕС Денес во градините сезонски се користат преку 100.000 цветни единки од повеќе од 700 видови, па затоа не е ни чудно што привлекуваат и преку еден милион посетители годишно. Иако важи за градина која има случувања и динамика во сите четири сезони, Бучартови поради својата уникатност и креативност нудат пет сезони. 

sto-godini-cvet-2.jpg

Станува збор за волшебна програма која ја нудат преку Божиќните празници, па затоа тој период е претставен на репертоарот како петта сезона. Во големата понуда која ја нуди градината можете да најдете ресторан, кафетерија, сезонски штандови, забава за најмладите и сл. Исто така, во склоп на градината постои и голема тревна површина која е наменета исклучиво за одржување на концерти. Во текот на летото градината нуди единствена авантура од 45-минутно крстарење по брегот истражувајќи ја историјата на Тод Инлет и дивиот свет во водите на Брентвуд Беј. Од пролет до есен градината е отворена за секаков вид на уметници. Тие може да ги изложуваат своите дела во рамките на прекрасниот амбиент, кој го нуди градината. 

Во градината постојат и древни дрвја. Станува збор за Cathaya argyrophylla, Metasequoia glyptostroboides и Wollemiа nobilis. До 1955 година Cathaya argyrophylla се сметал за фосилен вид, сè додека група кинески ботаничари не откриле живи единки. 

sto-godini-cvet-3.jpg

Денес, овој вид е распространет во делови од Кина и се смета за редок, но не загрозен вид. Metasequoia glyptostroboides е откриен како фосилен вид во делови од Кина во 1944 година, а некоја година подоцна се откриени и живи примероци. Бучартови овој вид го добиле како поклон од Градското зеленило на Викторија во 1950 година. Wollemiа nobilis претставува вид со необични интересни темнозелени четини. Истиот прв пат е пронајден во околинта на Сиднеј. Бучартовата градина е така дизајнирана да ги задоволи и исполни сите сетила, дури и на најпребирливите посетители. Тоа може да биде прекрасното зеленило на новите листови на пролет, дополнети со брилијантни цвеќиња во најразлични бои, на блескавите садници врамени и склопени во тревниците, со надразнување на носот од илјадниците мириси на летото, црвенокафеавата и златна есен, разубавена со менување на бојата на сончевата светлина или пак задоволствата на магијата на Божиќ.

sto-godini-cvet-4.jpg


Филип Филипоски, дипл. шум.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top